Вакцинираните трудници им ги префрлаат антителата на бебињата

Прочитај за: 2 минути

Според една најнова студија, вакцинираните бремени жени им обезбедуваат заштита од COVID -19 на нивните бебиња.

Имено, научниците го измерија нивото на антитела во крвта од папочната врвца за да утврдат дали имунитетот доаѓа од инфекција со коронавирус или од вакцината. На нивно изненадување, сите 36 новороденчиња во студијата чии мајки примиле вакцини Moderna или Pfizer за време на бременоста имале заштитни антитела.

За да се утврди дали антителата се предизвикани од вакцината или од инфекција по природен пат, експертите бараа специфични антитела што се појавуваат по вакцинацијата или по прележување на болеста, но и протеинот нуклеокапсид, кој е присутен само во случај на инфекција.

Резултатите покажуваат многу охрабрувачко ниво на антитела во крвта

Од 36 бремени жени, 31 развиле имунитет преку вакцинација. Останатите пет не се тестирани за протеинот нуклеокапсид, па експертите не можат со сигурност да кажат како е создадена заштита, пишува Bloomberg.

„Резултатите покажуваат многу охрабрувачки нивоа на антитела во крвта од папочната врвца“, рече гинекологот Линда Екерт од Универзитетот во Вашингтон.

Во меѓувреме, Pfizer започна своја студија за ефектот на својата вакцина за време на бременоста и кај новороденчињата, но таа беше одложена поради етички проблеми околу употребата на плацебо.

Според американските центри за контрола и превенција на болести, до 11 септември, само 30% од бремените жени на возраст од 18 до 49 години ги примиле двете дози на вакцината.

Студијата High antibody levels in cord blood from pregnant women vaccinated against COVID-19 беше објавена во специјализираното списание American Journal of Obstetrics & Gynecology-Maternal Fetal Medicine.

SHARE