Двајца гинеколози ќе одговараат за смрт на новороденче

Прочитај за: < 1 минута

Битолското обвинителство поднесе обвинение против двајца лекари од битолската болница за сторено кривично дело „тешки дела против здравјето на луѓето“

Како што информира ОЈО, обвинетите, како лекари – специјалисти по гинекологија и акушерство вработени во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски” –  Битола, несовесно постапувале при укажување лекарска помош – породување на пациентка родилка од село Смилево, Општина Демир Хисар, поради што настапила смрт на новороденчето.

Родилката била примена за породување на 12.10.2019 година околу 17:00 часот во Одделот за гинекологија и акушерство при Клиничка болница Битола, каде дежурни лекари биле обвинетите.

Тие не ја следеле и навремено не ги регистрирале промените во здравствената состојба кај родилката. Иако сите промени во здравствената состојба на родилката претставувале апсолутен показател дека здравјето и животот на плодот е во опасност заради недоволен доток на кислород, што, пак, претставува индикација за итен царски рез, обвинетите лекари не ја презеле оваа интервенција благовремено.

Поради продолженото породување и доцнењето од најмалку пет часа од појавата на индикациите за итен царски рез, интензитетот на страдањето кај плодот се зголемувал. Интервенцијата кај родилката била извршена околу 06:30 часот на 13.10.2019 година, при што се родил плод – женско дете со родилна тежина од 3.550 грама и должина од 48 сантиметри во многу лоша состојба, кое починало за кратко време по породувањето заради кислородното страдање во утробата, соопшти ОЈО.

SHARE