Д-р Даниловски: Симптомите на делта-сојот се слични на настинка

Прочитај за: 2 минути

 

Нашиот најпознат епидемиолог, проф. д-р Драган Даниловски во своето гостување на ТВ24 рече дека не го изненадува појавувањето на делта сојот, затоа што природата на овие вируси е одвреме навреме да мутираат, како и дека овој тип на вируси послабо мутира во однос вирусот со грипот.

– Динамиката на мутирање единствено може да се забави ако ние како планета, како популација се однесувавме малку поинаку. Во светот постои егоизмот кај богатите држави кои пред сè гледаа да си ги средат работите дома и да ги грабнат вакцините, а сиромашните останаа на опашката. Сè додека на планетава, сите не се осознаеме до мера дека и најсиромашните земји треба масовно се извакцинираат, ваквите закани како што се случија со Делта мутантот ќе значат сценарија на јојо систем, односно топло ладно, и постојано ќе одиме во осцилации сè додека силата на вирусот не се исцрпи, но за да дојде тоа ќе поминат години – вели д-р Даниловски.

Тој додава дека треба да се забрза работата и на вирусот да не му се дозволи амбиент за мутирање. Тоа нешто се постигнува со молскавична војна, односно во што пократко време сите да бидат вакцинирани.

– Она што кај нас што се случува е тој факт и ние сме дел од затворен систем. За очекување беше уште кога се појави во Индија, стана доминантен во Британија. Делта сојот се разликува од Алфа варијантата по тоа што се проценува дека е 70 посто позаразен. Тоа значи, дека ако има услови за ширење, ќе имаме една поголема динамика на новозаболени. Тој е полесно заразив и попродорен во клетките на домаќинот – објаснува професорот.

Даниловски потенцира дека сè уште нема доволни индиции да се каже дека предизвикува потешка слика. Она што е карактеристично е дека е изместен акцентот на неговите симптоми.

– Ако кај Алфа беше болки во зглобови, изгубен мирис, сега доминираат главоболка, течење на нос и болки во грлото. Сега имаме практично една слика на потежок грип. Со оглед на тоа дека постарите генерации или прележале или се во добар дел вакцинирани, вирусот наоѓа место за ширење меѓу помладите. Кога ќе почувствуваат симптоми, мислат дека е настинка и се движат, тоа значи поголема трансмисија – рече нашиот најпознат епидемиолог.

Врз основа на сликата не може да се направи разлика меѓу настинка и делта сојот. Мора да се направат испитувања.

– Добрата вест е што претежно младите кои заболуваат се со лесни клинички симптоми. Тешко ќе дојде до закана односно со преоптоварување на болници со хоспитализирани. Смртноста е ниска, 0,1 посто. Тоа е во рангот на грипот. Така ќе биде и кај нас. Иако имаме мал број на вакцинирани, штом со Британскиот сој се справивме летово да го снема, веројатно природниот имунитет го создал своето. Стапките на прележани се над 60% според мене, на тоа се дополнува вакциналниот имунитет и мислам дека нема да се соочиме со катастрофално сценарио. Бројот на новозаразени ќе расте, но нема да бидат оптоварени капацитетите – вели Даниловски.

Тој додава дека во однос на вакцините тие помагаат 93% да не се дојде до хоспитализација, како и дека е потребна вакцинација, затоа што само така ќе се надминеме состојбава.

SHARE