За само 9 месеци во 2016 над 3.000 новозаболени од рак на Клиниката за онкологија, најмладиот има 17 години

Повеќе од 3.000 новозаболени од рак се регистрирани само на скопската Клиника за онколгија и радиотерапија за овие девет месеци заклучно со 1 октомври, 2016 година, со што се очекува до крајот на годината оваа бројка да достигне над 4.000 нови случаи, потврдија од болницата за „Фокус“. Во оваа бројка не влегуваат пациентите кои што се лекуваат во други јавни здравствени установи и во приватните болници.

Според информациите од клиниката, овие бројки секоја година алармантно се зголемуваат, а кај нив најчесто доаѓаат пациенти кои што веќе се дијагностицирани. Во споредба со оваа година, лани на клиниката до крајот на годината биле регистрирани близу 4.000 нови пациенти.

– Можеме да кажеме дека според досегашните медицински истории што ги имаме на клиниката заклучно со 1 октомври се регистрирани 3.210 новозаболени пациенти. Се очекува таа бројка до крајот на годината уште повеќе да се зголеми – информираат од клиниката за „Фокус“.

Според статистичките податоци, жените најмногу заболуваат од рак на дојка, рак на грлото на матката, како и карцином на цервиксот, додека кај мажите најчестите малигни заболувања се рак на белите дробови, а исто така има пораст и на туморите на дигестивниот систем (желудник, дебело црево)…

Најмладите пациенти кои можат да се најдат на скопската Клиника за онкологија се од 17 години нагоре, со оглед на тоа што помладите и бебињата се хоспитализираат на Детската клиника. Но, додаваат дека кај нив имало пациент и тригодишно дете, кое било на радиотерапија.

Статистичките податоци од клиниката уште покажуваат дека заклучно со 1 октомври, оваа година, за само девет месеци починале 72 пациенти, додека лани за цела година починале 62 пациенти, а во 2014 година 76 заболени од рак.

Милан Ристески, ex-директорот на Клиниката за онкологија вели дека ова не е вкупната бројка на починати пациенти, затоа што многу од нив умираат и во домашни услови и во други болници. Така да, според него, црните статистики продолжуваат, а бројките се  уште поголеми.

loading...
SHARE