Како да се справите со кркорењето во стомакот?

Прочитај за: 2 минути

Покрај дигестијата на храната и гладот, што друго предизвикува кркорење на стомакот и како можете да го намалите? Кркорењето на стомакот е појава што им е позната на сите. Оваа појава е сосема нормална, а може да биде предизвикана од неколку работи.

Сепак, во некои случаи, кркорењето може да биде и предупредувачки знак за проблем како, на пример, нетолеранција на одредена храна. Што го предизвикува вообичаеното, нормално кркорење?

Звуците се сосема нормален дел од дигестијата на храната, сè додека не се проследени со други симптоми, како болка, гадење или невообичаена подуеност. Некогаш ова кркорење не потекнува само од желудникот, туку и од цревата.

Кога храната ќе стигне до малото црево, телото ослободува ензими кои ја разградуваат храната и го поттикнуваат апсорбирањето на хранливите материи од неа. Во овој миг настануваат и контракции кои ја движат храната.

Сето ова предизвикува кркорење.

Исто така, кркорењето е и знак за глад. Дури и кога немате јадено неколку часа, телото сепак се подготвува за дигестија на храната и ослободува ензими. Бидејќи желудникот е празен, ова кркорење може да биде погласно и трае околу 20-тина минути. Кркорењето може да се повторува и на секој час сè додека не јадете.

Што друго предизвикува кркорење?

Кркорењето на стомакот може да биде и знак за дигестивен проблем, а може да биде предизвикано и од одредени прехранбени продукти.

Млечни производи: Кај луѓето со нетолеранција на лактоза дигестијата на млечните продукти се одвива потешко. Во овој случај, кркорењето е проследено и со подуеност, а во некои случаи и дијареја.

Мешунки: Храната како грав може да предизвика гасови и кркорење бидејќи содржи вид шеќер што нашиот организам не може целосно да го свари.

Некои зеленчуци: Слично како мешунките и некои зеленчуци како зелка, брокула и карфиол се потешки за варење, па предизвикуваат гасови и кркорење.

Бактериите во нашиот стомак: Бактериите кои помагаат во варењето на храната и апсорбирањето на хранливите материи ослободуваат гасови и некогаш можат да предизвикаат подуеност и кркорење.

Дигестивни проблеми: Покрај нетолеранцијата на лактоза и други видови храна, постојат и други проблеми кои предизвикуваат кркорење, вклучувајќи алергија на некоја храна и дијареја.

Како да го намалите кркорењето на стомакот?
Ако често се соочувате со оваа појава, најдобро е да се консултирате со експерт, особено ако чувствувате и други симптоми како интензивна болка.

Но, можете и да направите мали промени во вашите навики кои ќе ви бидат од помош.

Џвакајте бавно: Ако џвакате многу брзо, ќе голтнете и многу воздух, а ова ќе предизвика подуеност и кркорење.

Пијте вода: Водата ќе го наполни стомакот и може да го намали кркорењето.

Не останувајте гладни долго време: Ако не сте во можност да јадете веднаш, изедете некој ужина, како овошје, до следниот оброк.

Избегнувајте храна и пијалаци што ви предизвикуваат гасови: Веројатно си го познавате телото и знаете која храна ви создава подуеност и проблеми, па избегнувајте ја и јадете ја поретко.

Проверете дали имате нетолеранција на некоја храна: Ако често имате гасови и кркорење, консултирајте се со вашиот лекар кој ќе ви помогне да откриете дали можеби имате нетолеранција на некои продукти.