Лани од рак починале 3.733 лица во земјава, најмногу од карцином на белите дробови

Прочитај за: 2 минути

Дваесетина лица дневно заболуваат од рак во земјава. Според најновите податоци на Институтот за јавно здравје само изминатава година 7.573 лица добиле дијагноза – карцином, 3.733 починале. Најчест е ракот на белите дробови. Вкупно 984 лица заболеле од ова малигно заболување, а 858 починале минатава година.

„За ракот на бели дробови не постои скрининг, но според истражувањата на сите меѓународни институции овој карцином се поврзува со пушењето и од нивното истражување заклучиле дека 95 отсто од сите случаи на рак на бели дробови се поврзани со надворешни ризик фактори од кои еден од нив е пушењето, но поврзано е и со аерозагадувањето, некогаш и со работното место, ако работниците се изложени на штетни реагенси“ – вели д-р Вјолса Речица – Центар за статистичка обработка на здравствени податоци при Инситут за јавно здравје.

Скопје, Тетово, Куманово и Битола се градовите каде бројот на новозаболени од рак е најголем. Во скопскиот регион, во населбата Гази баба регистрирани се 750, во Аеродром 250, Кисела Вода 266, Центар 261.

Во Вардарскиот регион најмногу заболени има во Велес, во источниот во Штип и Кочани, додека пак на југоистокот, предничи Струмица.

„Бројот се гледа дека е покачен за овој период. Но, би сакала да кажам дека трендот на зголемување се случува во целиот свет, не само во Македонија. Во споредба со другите земји со Југоисточна Европа и Европска Унија, Македонија е на исто ниво со другите земји односно има иста стапка на малигни заболувања“ – вели д-р Речица.

Но, податоците на ИЈЗ укажуваат и на тоа дека здравствениот систем потфрла во раната дијагноза. Според стадиум, пациентите најчесто се дијагностицираат кога ракот веќе метастазирал. А токму раната дијагноза и недостапноста на пациентите до скрининг беше критикувана и од Европската комисија во последниот извештај за напредокот на земјава.

Експертите за јавно здравје предупредуваат дека потребни се и промени во здравствените политики, како и елиминирање на ризик факторите за појава на малигни заболувања.

Креирање здрави учлишта, здрави работни места, поголема контрола на тутунот, подобар пристап до нега на заболени од рак, но и поголеми инвестициии во контролата на малигните заболувања се дел од мерките кои треба да се засилат, според експертите за јавно здравје.

Ракот е одговорен за речиси еден од шест смртни случаи на глобално ниво, а според СЗО, 70% од сите нови случаи се очекува да се појават во неразвиените земји, каде ресурсите за превенција, дијагностицирање и третман се ограничени или ги нема.

SHARE