На семејството Тошевски од Велешко му треба наша помош

Прочитај за: 5 минути

Во две соби на куќарка стара два и повеќе века, чија една соба ја потпираат со дрвени столбови додека покривот со стари најлони, во село Стари Град, живеат таткото Стојан и синот Марјан Тошевски. Тоа што се качуваат по камени плочи, наместо по скали, до двете соби воопшто не им пречи наспроти дупките во таванот од трска и по ѕидовите од непечени тули што не држат веќе нов малтер. Тој  брзо се рони и отвора нови дупки низ кои им влегуват змии, смокови и гуштери со кои двајцата мажи мораат да се борат. И дење и ноќе.

 

-Тежок е животот на сиракот. Израснав во Дом за деца без родители и никому не бев посакал тежок живот. Но, од судбината не се бега. Таа се повтори по смртта на сопругата. Единаесет години сам ги чував и гледав децата. Со работничката плата од велешка Крзнара можев само да ги прехранам и да платам струја. Кога ме прогласија за технолошки вишок се борев децата да ми завршат средно училиште. Сега, со месечна социјална помош од  7.000 денари, се бориме со синот да не бидеме само гладни откако ќерката се омажи, рече педесет и шест годишниот Стојан.

Стојан и Марјан Тошевски

Додека тој со дваесет и осум годишниот син, Марјан, седеа на импровизираните скали тие всушност се одмараа од работа. Работниот дел од денот им почнал утрово во 4:00 часот со чистење на трло од овчи измет и продолжил со помош околу механизацијата на пријатели во населбата Стари Град. Ќе продолжи и по ручекот повторно во трлото од кое изнеле 100 трактори со измет но исто толку треба да товарат за целосно да го исчистат.

По пет години без светло струјомерот во куќарката на Тошевски работи

-Ништо не е тешко да се работи. Ни во трлото, по нивите со тутун, на лозјата, на жетва ниту во домот. Сега ќе ја исечеме и скршената гранка од дрво во дворот на соседите. Се што се заработува на чесен начин не е тешко. Јас работев како сезонски градежен работник во Црна Гора и во фабрика за автомобилски делови во Чешка. Во втората држава ми понудија постојано вработување. Не можев да го прифатам единствено поради татко ми. Тој да не остане сам во оваа пустелија во која живееме и каде особено е тешко да се помине една зима, рече Марјан.

Дворот на семејната куќарка на Тошевски

Тој завршил средно економско училиште во Велес.  Ја има дипломата за Деловен секретар. Парчето хартија што треба секому да овозможи професионално докажување нему , до сега, не му дало можност да го работи тоа што го учел. Ниту во една од повеќето велешки фирми во кој барал вработување. Некои не го повикале ниту на интервју. Марјан барал работа како работник.

Шише со млеко на фрижидерот и торба со домашен леб во помалата соба

Што ќе ручаат, не собрав храброст да го прашам Стојан откако го забележав полу празното пластично шише со млеко и торбата со леб во помалата соба. Тие претходно ми кажаа дека само во два наврати добиле пакети со храна од Општина Чашка. Нивни соседи тврдеа дека скромните и тивки Пешевски симболичните суми на пари што ги добиваат од аргатлук домаќински ги трошат во продавницата во населбата, за набавка на храна.

Кладенчето од кое Тошевски полнат вода

-Вода за пиење, миење, капење, готвење носиме во туби и шишиња од кладенчето под селската улица. Таму ги миеме садовите. Изѕидавме фурна во дворот до која имаме и импровизиран шпорет на дрва на кој грееме вода и готвиме. Месиме и леб,правиме сукано, се переме  и со згреаната вода се капеме. Знам дека ова е мизерен живот. Јас не се жалам туку сам се обвинувам што не бев моќен на детето  да му обезбедам подобри услови за живот, додаде Стојан со наведната глава и поглед полн со тага.

Стојан Тошевски

Такво беше и неговото лице полно со бори додека тивко и скромно зборуваше. И тој и Марјан се присетија на минатогодишната новогодишна ноќ како последно гостување кај соседите.  Тоа се истите соседи, кои живеат во Велес,  и кога доаѓаат во селото ги канат на седенка, разговор, ручек или вечера. Тошевски не доаѓаат често во Велес.

Марјан и Стојан на угорнината од селската улица

-И за во град се потребни пари. Кога ги немаш гледаш само како да ги заработиш. Знам дека е убаво да се живее во град, да се излезе со другари и друштво но каде да одам кога ние немаме ниту пристоен дом, покуќнина, облека. Кога би бил вработен би било поинаку. Би можел јас а не татко, да гради куќа, да ја опреми, да создадам подобри услови за живот. Но тоа го немам и не постои. Живеам со надеж дека овој сон можеби ќе ми се оствари, додаде Марјан.

Прозорот во семејната куќарка на Тошевски

Тошевски, двајца од вкупно шесте жители, на селото Стари Град не испратија со надеж дека приказната што ја читате ќе ја поттикне државата, локалната заедница и граѓаните на хуманост. Неколкумина граѓани на населба Стари Град веќе започнале иницијатива за собирање на градежен материјал за да си изградат две нови соби. Таа можеби ќе ги мотивира и службениците од Центарот за социјални работи  да им помогнат наместо еднаш годишно да ги посетат  само за да ги евидентираат. Таа ронка надеж на лицата на овој татко и неговиот син како да говореше дека нема повеќе да бидат отпишани и  заборавени. Добрината по која се препознава човечноста можете да ја покажете ако ги контактирате Тошевски на моб.тел. број 078/631 676. Ако не ве слушнат додека аргатуваат завртете го бројот на нивните велешки пријатели 070/638 423.

Извор ДУМА

SHARE