Озон: Дар од природата за добро здравје

Озонот претставува алотропска модификација на кислородот.
Името го добива од грчкиот назив за непријатен
мирис (όζον- озеин- да мириса), благодарение на непријатниот мирис кој се ослободува кај удар на гром за време на јаките олуји.

Во умерени концентрации озонот е без мирис, но при повисоки концентрации неговиот мирис асоцира на мирис на сулфур.

Во гасна состојба има светлосина боја. Се втечнува на температура од -112 °C, формирајќи сина течност, а на температура под 193 °Ц формира темносини кристали. По хемиски состав е алотропска модификација на кислородот. За разлика од двоатомната молекула на кислородот (О2), озонот е троатомна молекула (О3). Поради својата структура тој е моќен оксидационен агенс.

Хемиски е нестабилен, па во атмосферата има кусо време на полураспаѓање. При низок притисок И висока температура преминува во стабилниот облик на двоатомната молекула – кислород. Во повисоките слоеви на атмосферата озонот го спречува штетното УВ зрачење на патот кон земјината површина. Во стратосферата го филтрира зрачењето со бранова должина пократка од 320 нм која му штети на живиот свет. Озонот денес нашироко се користи како агенс за стерилизација и избелување.

Тој е еден од најјаките познати бактерициди. Кога оваа високо рекативна молекула ќе се „судри“ со бактеријата, активниот кислород кој се создава во тој момент со распаѓање на озонот произведува кинетичка енергија и оксидативен потенцијал кој ја разорува клеточната мембрана произведувајќи промена наречена лиза на клетките (истекување на протоплазмата на клетката). Озонот е „спсобен“ да ги уништи и вирусите. Ги разрушува липидните молекули на вирусниот капсид, а без капсид вирусот не може да биде активен. Озонот има и фунгицидна активност, а ги уништува и некои видови паразити. Озонот може да се користи безбедно при процесирање и чување на храна, вклучително месо и производи од месо, со тоа што се смета за прехранбен адитив – антимикробен агенс, односно дезинфиционен агенс.

Литературата сведочи за многу придобивки поврзани со намалување на вкупниот број микроорганизми пронајдени во грам производ, како и зголемување на рокот на употреба на прехранбениот производ. Одличен е за дезинфекција на свежо овошје и зеленчук, а се користи и како ефикасен дезинфециенс за вода за пиење, како и за површините со кои доаѓа во контакт храната.

Се користи и во медицината. Озонотерапијата помага во отстранувањето на токсините од телото, го зголемува снабдувањето на ткивата со кислород, оневозможува состојба на хипоксија при намалена циркулација, го стимулира производството на црвени крвни клетки и овозможува голема концентрација на кислород во крвта долго време по завршување на терапијата.

Автор: Д-р Ирина Младеноска, редовен професор, ТМФ, УКИМ, Скопје

loading...
SHARE