За една недела 42 починати од Ковид-19, надлежните велат двете девојки имале претходни болести

Прочитај за: 2 минути

Од Министерството за здравство велат дека смртта кај 23 годишната скопјанка заболена од Ковид, настапила нагло откако и се влошила состојбата. Била хоспитализирана на Инфективната клиника, една недела откако е потврдено дека е позитивна на коронавирусот, а четири дена претходни имала температура и тешко дишење. Таа имала и претходни заболувања, стои во краткото објаснување на ресорното министерство.

„Пациентката 23 години од Скопје е потврдена позитивна на 5.09, а претходно 4 дена била со симптоми: температура, кашлица и тешко дишење. Хоспитализирана е на 12.09 на Инфективната клиника во Скопје и веднаш класифицирана како тежок пациент, ставена на кислород. Ден пред да настапи смрт, состојбата на пациентката се влошила со пад на сатурација, по што била ставена на неинвазивна вентилација (НИВ). Смртта настапила нагло. Пациентката имала коморбидитети, опериран тумор на хипофиза и морбус кушинг- ендоринолошко заболување.

Во однос на 29 годишната почината од Струмица, соопштуваат дека починала во Клиниката „Жан Митрев“. Од Министерствотоз а здравство велат дека немаат детални информации за овој случај.

„Пациентката на возраст од 29 години oд Струмица е почината во Клиниката Жан Митрев. Во епидемиолошкиот извештај на ИЈЗ стои дека имала заболување на тироидната жлезда. За повеќе информации за конкретната пациентка, можете да се обратите во клиниката“, се вели во соопштението од Министерството за здравство.

Нејасно е, зошто Министерството за здравство, новинарите на одгово за повеќе информации ги праќа во приватната клиника на Жан Митрев, каде што втората пациентка починала. Дали како највисока институција во државата која ја крои политиката во здравството и каде што сите приватни здравствени установи добиваат дозволи за работа, министерството се прогласува за ненадлежно кога се работи токму за овие прватни установи. Овие установи не само што прават тестови за јавното здравство, туку и со цела одговорност, лекуваат болни од Ковид.

Инаку, бројот на починати е голем во изминатата недела, а меѓу нив има млади луѓе. Од понеделникот на 7 септември досега починале 42 заболени со Ковид, од кои само на 8 септември осум, а на 11 септември, починаа пет пациенти. Надлежните не соопштуваат на што се должи зголемениот број на смртни случаи од коронавирусот и зошто во последно време умираат млади луѓе.

SHARE