Алкохол и цигари во бременоста – висок ризик за ненадејна смрт на новороденчето

алкохол во бременост
Прочитај за: 3 минути

Децата чии мајки пиеле алкохол и пушеле цигари и по првото тримесечје од бременоста имаат за 12 пати поголем ризик од синдромот на ненадејна смрт на новороденче во споредба со оние што не се изложуваат на алкохол и цигари, или тоа го прават само во првото тримесечје од бременоста – стои во новата студија поддржана од Националните институти за здравје во САД.

Синдромот претставува ненадејна и необјаснета смрт на новороденче на возраст под една година. Многу студии покажале дека ризикот се зголемува поради пушењето цигари од страна на мајката во текот на бременоста. Некои студии откриле дека консумацијата на алкохол пред породувањето и честото пиење во текот на бременоста, исто така, го зголемуваат ризикот од овој синдром. Националниот институт за здравје финансирал студија преку која се согледува како на ризикот од овој синдром му влијаеле тајмингот и количината на консумираниот алкохол и цигари пред породувањето.

– Ова е првата голема студија што одблиску ја истражува поврзаноста помеѓу консумацијата на алкохол и на цигари во бременоста и ризикот од синдромот на ненадејна смрт на новороденчето. Нашите откритија сугерираат дека комбинираната изложеност на алкохол и цигари има големо влијание врз ризикот од појава на споменатиот синдром бидејќи ризикот е поголем кога изложеноста е двојна (и на цигари и на алкохол), отколку ако индивидуата само консумира алкохол или само цигари – истакнала Ејми Џеј Елиот, една од авторките на студијата.

За да се спроведе студијата, научници од САД и од Јужна Африка формирале мрежа за соработка преку која работеле на истражувањето. Од 2007 до 2015 година се следеле резултатите од приближно 12 илјади бремености кај жени од два региона во Кејп Таун, Јужна Африка, и пет држави во САД, меѓу кои и индијанските резервати во Јужна и во Северна Дакота. Целта била да се вклучат региони со етничка популација и социо-економски нееднаквости.

Истражувачите одредиле резултати за околу 94 проценти од бременостите во период од една година. Откриле дека 66 новороденчиња починале за тоа време, меѓу кои 28 случаи биле со синдромот на ненадејна смрт и 38 случаи за кои биле познати причините. Како дополнување на фактот дека ризикот се зголемува за 12 пати ако мајката е изложена на консумација на алкохол и на цигари во бременоста, истражувачите одредиле и дека ризикот од синдромот е зголемен за пет пати кај новороденчињата чии мајки пријавиле дека продолжиле да пушат и по првото тримесечје, а четири пати кај новороденчињата чии мајки продолжиле со консумација на алкохол по првото тримесечје. Овие ризици биле споредени со децата чии мајки не пушат и не пијат алкохол или, пак, се откажале од овие пороци на крајот од првото тримесечје.

– Студијата обезбедува нови и важни информации за улогата на пушењето и пиењето и ризик-факторите во текот на бременоста. Нашите откритија ја поддржуваат моменталната препорака на американските центри за контрола на зарази и превенција, како и Светската здравствена организација – жените да не пијат и да не пушат во текот на бременоста и ја потенцира опасноста од комбинацијата на цигари и алкохол, со која се зголемува ризикот од доенечка смртност – вели Хана Кини, уште една од авторките.

Лидерите на националните институти за здравје во САД, кои ги обезбедиле средствата за реализирање на студијата, изјавиле:

– Овие откритија ни даваат повеќе докази кои се од витално значење за раната родителска околина, во однос на здравите резултати по бременоста. Иако голем број жени прекинуваат со пушење и пиење откако ќе дознаат дека се бремени, сепак, оваа студија силно се залага за вршење скрининзи рано во бременоста и за интервенција колку што е можно побрзо. Исто така, повикува на зголемување на јавната свест за ризиците што ги носат токму пушењето и алкохолот во бременоста, со посебен осврт кон жените кои планираат да забременат.

SHARE