Колку е опасна бактеријата МРСА?

МРСА

Откако Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) соопшти дека има четири случаи на заразени со бактеријата МРСА (Methicillin-resistant Staphylococcus aureus), вработените во градинката „Снежана“ во Чаир иво училиштето „Панајот Гиновски“ соодветно ги исчистиле објектите и тоалетите по налог на инспекторите.
Оваа бактерија предизвика страв кај голем дел од родителите. Советот на родители во училиштето, заедно со родителите од второ одделение, во кое беше изолирана МРСА, бараат од раководството и од Општината да се најде начин да се подигне нивото на хигиената на повисоко ниво.

За тоа колку е опасна оваа бактерија и во кои случаи, разговаравме со микробиологот, проф. д-р Никола Пановски.

Сите бактерии се смртоносни, но не секогаш и секаде

Сите бактерии се смртоносни, но сè зависи од самиот човек. Тие предизвикуваат болести пред сè кај луѓе што веќе се болни од нешто друго, објаснува професорот.
– Бактеријата предизвикува болести пред сè кај луѓе болни од нешто друго, т.е. кај оние со паднат имунитет. Ако бактеријата МРСА е изолирана во градинка или во училиште, не е опасна и не знам зошто би се сметала за опасна. Стафилококни бактерии во носот имаат 30 отсто од населението, а најчесто децата. МРСА е стафилококна бактерија, само што е поотпорна на антибиотици. Не предизвикува болест кај здрави деца. Треба да има повреда, рана за да биде опасна. Опасно е да ја има на рацете или во носот некој што работи во болница, или на пример на интензивна нега, со тешко болни пациенти – објаснува професорот.

Тој вели дека МРСА не би требало да ја има персоналот во болниците, односно тие не смеат да ја имаат за да не ја пренесат на оние кај кои би предизвикала последици, оние со паднат имунитет.

– Проблемот е во болниците, таму има инфекции од таа бактерија. Но ова е нешто што си трае со години, го има во болниците на цел Балкан, во Европа. Секојдневно се изолираат десетици такви соеви и тоа е нешто што треба да се решава во болниците. За таа бактерија има специјален лек, кој би требало државата бесплатно да им го дава на родителите за нивните деца. Лекот е „мупироцин“ и треба да биде достапен. Се аплицира локално. Како и да е, родителите не треба да креваат паника, МРСА не е опасна во училиште или во градинка, туку само во болница – додава Пановски.

МРСА е отпорна на антибиотици, што значи дека тешко се лекува болеста што ја предизвикала. Проблемот е во тоа што ако направи инфекција, изборот на лекови за нејзино лекување е мал.

– Има само еден лек, на кој исто така може да стане отпорна. Кај нас се изолираат над 700 соеви на МРСА годишно. Од нив, околу 60 до 70 се изолирани од сепса. Тие се секојдневие кај нас со години. Имам впечаток дека медиумите раководат со здравствените власти како да преземат мерки. Сите бактерии се смртоносни, но сè зависи од човекот – вели Пановски.

(Деца. мк)

loading...
SHARE