АХВ: Поради афлатоксин од пазарот повлечен и јогуртот „Баланс плус“

Прочитај за: 2 минути

Производител на јогуртот е АД Имлек од Падинска скела, Република Србија, а увозник и дистрибутер е Млекара АД Битола, а серијата се повлекува поради неусогласена концентрација на афлатоксин

Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека од пазарот се повлекува јогурт Балaнс плус, во пакување од еден литар, а причината е што била испратена количина која не е наменета за македонскиот пазар, и е со неусогласена концентрација на афлатоксини, што според надлежните е потенцијален ризик по здравјето на луѓето. Производител на јогуртот е АД Имлек од Падинска скела, Република Србија, а увозник и дистрибутер е Млекара АД Битола.

Во објавата на АХВ нема фотографија од изгледот на повлечниот јогурт, додека во продажба во Македонија се наоѓа литарски јогурт „Баланс плус“ во три различни амбалажи, од кои една е картонска, а другите две пластични шишиња.

До нашата редакција веќе пристигнаа реакции од потрошувачите кои се збунети и незнаат кое пакување да го изберат односно одбегнат.

-Се повлекуваат пакувањата со рок на употреба до 28 ноември. Потрошувачите кои гo имаат купено јогуртот со сериски број 28.11. 22, да нe гo пијат, и да гo вратат на местото од каде гo купиле – порача Агенцијата за храна и ветеринарство.

Пред десеттина дена од трговијата беше повлечен лот од босанското млеко „Милкано со малсеност од 3,2 отсто, со образложение дека во него е забележано зголемено присуство на афлатоксин.

Европската комисија оценувајќи ја безбедноста на храната во Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Туркије (поранешна Турција) во својот извештај проследен на 8 ноември, меѓудругото за Србија посочи дека земјата мора да внимава на афлатоксинот во млекото.

-Како што е забележано веќе неколку години, дозволеното ниво на афлатоксини во млекото останува пет пати повисоко од границата на ЕУ. Србија треба постојано да врши анализи пред пристигнување и пред поаѓање, вклучувајќи проверки за безбедност на храната, во согласност со правилата на ЕУ – стои во извештајот за безбедноста на храната кај нашиот северен сосед.

Инаку, на крајот на 2021 година, српските медиуми објавија дека од декември 2022 година, дозволеното ниво на афлатоксин во млекото, ќе биде пет пати помало од сега. Така, наместо 0,25, српското млеко може да содржи не повеќе од 0,05 микрограми од оваа канцерогена супстанција на литар.

-Концентрациите на оваа супстанца се во замав со години во Србија, особено што нашата земја е област која е подложна на оваа габа. Покрај тоа, се памети и скандалот со афлатоксин во 2013 година, кој ги потресе млекарниците, производителите и тогашните политичари – објави тогаш порталот Новости хр. Повеќето од производителите кои го снабдуваат млекото на „Имлек“ веќе имаат европски граници на дозволен афлатоксин, додаваат српските медиуми.

Сушата и високите температури им погодуваат на микотоксините.
Светските анализи покажаа дека продолжените суши како и највисоките забележани просечни летни температури годинава значително влијаат на приносот и квалитетот на земјоделските култури низ Европа. Како што објави компанијата „Алтек“ во првите резултати за квалитетот на европските култури и ризикот од микотоксини, резултатите би можеле да бидат загрижувачки. Афлатоксините се опасни бидејќи се потврдени канцерогени материи. Доколку се најдат во поголема количина во зрната пченка, тоа може да биде сериозен проблем, нагласуваат експертите.