„Бинго“ е да се добие термин за тестирање за Ковид-19, приватните лаборатории инкасираа над 5 милиони евра

Прочитај за: 5 минути

„Бинго“ е да се добие термин за тестирање за коронавирус, откако рапидно почна да расте бројот на заразени, регираат голем број граѓани кои биле во контакт со позитивно лице на Ковид-19, а треба да чекаат најмалку по една недела за да добијат термин за тестирање.

Иако беше најавено, тестирањата во приватните лаборатории за Ковид-19 не ги покрива Фондот за здравствено осигирување, па граѓаните се принудени тестирањата да ги плаќаат од 3.000 па сè до 12.000 денари, зависно од итноста.

„Имав директен контакт со заразен од коронавирусот и кога се јавив кај матичниот доктор, тој пиша дека имам симптоми, но и покрај тоа, термин за тестирање во Центарот за јавно здравје немаше. Првиот термин беше дури по 8 дена. Во тоа време, јас треба да живеам во страв, со оглед на тоа што живеам со двајца стари родители, а не знам дали го имам вирусот. Матичниот ми предложи евентуално да одам да се тестирам во друг град, каде што беше за два дена поскоро. Јас одлучив да чекам, на своја одговорност, бидејќи немам пари за тестирање на приватно“, сведочи скопјанец на социјалните мрежи.

Уште пофрапантно беше што на коментарите на неговата објава, повеќемина се обидоа да му помогнат преку наоѓање „врски“ за тестирање, што само докажува дека термин е можно да се најде, но само доколку имате некој познат.

На нашето прашање зошто приватните лаборатории не склучиле договор со Фондот за здравствено осигурување со цел граѓаните кои биле во контакт со заразен или имаат симптоми да се тестираат на државна сметка, од Министерството за здравство одговорија дека засега има доволен број тестови преку Центарот или институтите за јавно здравје, па оттаму, засега нема причина да се склучуваат дополнителни договори со приватните лаборатории.

Најевтини се приватните тестови во државните институции и во „Авицена“
Редакцијата на „А1он“ се обрати до сите лаборатории во државата кои вршат тестирања за Ковид-19. Колку тестирања досега извршиле, која е набавната цена за тестовите за детекција на коронавирусот и која е цената за тестирање беа прашањата, предмет на наш интерес.

Ниту една од лабораториите не ни ја кажа набавната цена на тестовите, освен државните, дел повикувајќи се на деловна тајна, а дел затоа што сметаат дека е невозможно да се одреди сумата, со оглед на тоа што тука спаѓале и режиските трошоци, за плати на вработените, реагенси и сл.

Единствени кои ја кажаа набавната цена на тестовите беше Институтот за јавно здравје.

„Во цената на реагенс за PCR-молекуларен тест влегуват цената на тестот за амплификација, тестот за екстракција на нуклеинска киселина и други дополнителни реагенси (етанол, изопропил алкохол) и пвц пластика. Цените варират од производителот, марката и од економскиот оператор кој ги добил во постапката за јавна набавка. Цената на екстракција е од 240 ден, 299ден, 315ден, а цената на кит за PCR амплификација се движи од 490, и другите не помалку важни работи кои влегуваат во цената се заштитната облека, маски, итн. Вкупно трошоци за еден тест се околу 900 – 1000 ден“, изјавија од Институтот.

Збунувачки беше одговорот од Центарот за јавно здравје во Скопје, од каде изјавија дека PCR тестовите ги набавуваат од „Биотек“ по цена од 3.100 денари, на кои се додаваат по 200 денари за материјали за трошоци и заштитна опрема.

Од Центарот за јавно здравје во Битола, пак, изјавија дека цената на една здравствена услуга се формира од повеќе трошоци и услуги поврзани со соодветната услуга, како реагенси за екстракција на нуклеински киселини и амплификација кои чинат 1.250 денари, набавка на опрема, калибрација, сервисирање и амортизација на опрема во лабораторијата, потрошни материјали, режиски трошоци, ангажираност на двајца доктори и медицински лаборанти и сл.

„Сите набавки се реализираат со јавни набавки заради што е зголемен ангажманот и ангажирани се повеќе луѓе во администрација“, велат од ЦЈЗ Битола.

Во овие државни институции, да се направи тест за коронавирус на приватно е 1.850 денари и тоа е најниската цена за тестирање. На Бирото за јавни набавки, пак, не може да се најде ниту еден договор склучен меѓу државните институции за набавка на PCR тестови.

Тестирањето во лабораторијата „Авицена“ чини 3.000 денари, а од лабораторијата велат дека потрошиле 15.000 евра за опрема и за кадри, со цел да се одговори на барањата на пациентите.

Во останатите лаборатории како „Биотек“, болницата „Жан Митрев“, „Систина“ и „Синлаб“ тестирањата за Ковид-19 имаат повисока цена за разлика од ИЈЗ и од центрите за јавно здравје и од „Авицена“ и таа изнесува 3.950 денари.

Цената може да достигне и до 12.000 денари ако станува збор за тестирање каде што на пациентот итно му се потребни резултати.

„Кај нас имаме повеќе опции за утврдување на присуство на COV-SARS-2 вирусот, во зависност од методата користена при тестирање. За конкретниот ПЦР тест цената е 3.950 ден со вклучен превод на еден странски јазик (вообичаено англиски). Истите ги доставуваме и во електронска форма со индивидуален баркод, валиден при патување“, изјавија од болницата „Жан Митрев“ за „А1он“.

Иста е цената и во приватната лабораторија „Синлаб“.

„Како лабораторија која последна започна со Ковид-19 ПЦР тестирање ја следевме пазарната цена однапред поставена со месеци што во просек изнесува 3.950 денари. Нашата лабораторија работи според највисоки стандарди на интернационалната групација Синлаб каде квалитетот на лабораториските тестови се става на највисоко ниво“, велат од оваа лабораторија, и додаваат дека со оглед на тоа што Ковид-19 ПЦР тестирање „вршиме пократко од 1 месец, а цените на реагенсите и придружните лабораториски материјали често се менуваат, реална анализа на материјалните трошоци на работење (цена по тест) можеме да правиме дури следната година“.

На сметката на приватните лаборатории од тестови за Ковид-19 се слеале 5-6 милиони евра
До 15 октомври месецов, во државава се направени 216.541 тестови за детекција на Ковид-19. Од нив, над 100 илјади се направени во приватните лаборатории, што е околу 46 отсто од вкупниот број тестови во државата.

Ако ја земеме најниската цена од 3.000 денари за тестирање, значи дека само приватните лаборатории имаат инкасирано речиси пет милиони евра само за тестирања за Ковид-19. Ако се земе предвид, пак, повисоката сума од 3.950 денари, тогаш на сметката на приватните лаборатории се имаат слеано околу 6,4 милиони евра.

Цената за тестирање во приватните лаборатории не е унифицирана, а од Министерството за здравство и од Фондот за здравство велат дека не се надлежни да ја изедначат, односно секој има право да одреди своја цена за тестирање.

Во однос на тоа од кои причини со овие лаборатории не е склучен договор со Фондот за здравство, од Министерството за здравство објаснија дека засега нема потреба од такво нешто такво, со оглед на тоа што државните институции имаат доволен број тестови.

„Со уредбата со законска сила за измена на Законот за здравствена заштита објавена во Службениот весник 169 од 22.06.2020 година, во член 2 став 2 е наведено дека Фондот склучува договор со здравствени установи од ставот 7, а тоа се ПЗУ болници надвор од мрежата за укажување на интензивна нега и терапија на пациенти заболени од Ковид 19, по претходно утврдена потреба од Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести. Притоа, во уредбата не е спомнато дека Фондот склучува договор и со здравствени установи од ставот 8 на овој член. Имено во ставот 8 се наведени ПЗУ надвор од мрежа кои прават ПВР тестови (односно PCR тестови) дека ќе ја вршат оваа услуга во мрежата“, велат од Министерството.

Во меѓувреме, македонските државјани кои мораат да патуваат во други држави каде што е потребен ПЦР тест (а тоа се сите држави освен Косово, Албанија и Турција), мораат тестовите да ги плаќаат приватно, исто како и оние кои поради напливот на новозаразени, мораат да плаќаат од свој џеб за тестирање, особено ако имаат заразен член од семејството.

SHARE