Болните од рак молат за лек – институциите ревидираат протоколи

Прочитај за: 2 минути

Продолжува голготата со недостиг на лекови за болните со рак. Институциите проблемот ќе го решаваат со онколошки конзилиум и нови протоколи „адаптирани на буџетот“. Дополнителен проблем се и термини за контролните снимања кои се задолжителни за онколошките пациенти.

Се продлабочува проблемот со недостиг на лекови за пациентите со рак. Ако до пред еден месец главно се споменуваше недостигот на лекот херцептин, сега пациентите сведочат дека на Клиниката за онкологија недостигаат десетина лекови. Меѓу нив и оние за рак на дојка, дебело црево, метастази на коски, желудник… главно понова терапија која со месеци ја нема на Клиниката каде се лекува скоро цела држава.

А секое одложување на оваа терапија, посебно кога се работи за метастази- кога ракот се проширил низ телото, е недозволено.

„Во метастатски сетинг, одложување на терапија, под услов од таа терапија да има ефект, значи повторно разраснување на туморот. Во превод – џабе сте ја давале претходно, ако го немате континуитетот да ја продолжите. Бидејќи основниот параметар на успехот на вашата терапија е намалување на туморот, или барем стабилизација на болеста“, појаснува онкологот Милан Ристевски.

Ристовски, кој во еден период беше и директор на Клиниката на онкологија вели дека проблемот со недостиг на лекови за рак е стар со децении. Ова го потврдуваат и искуствата на пациентите, но како што забележува Македонка Икономова-Давчева од здружението „Љубов сме/Jemi dashuri“ – никогаш не било потешко. Или барем не во последните шест години, колку што минале откако таа била дијагностицирана со рак на дојка.

Преку здружението до неа секојдневно стигнуваат информации за тоа дека повторни има недостиг на некој од цитостатиците – лекови кои им се даваат на болните од рак. Се потсетува дека кога таа почнала да се лекува имало 3 лека, потоа се вовеле уште 4 нови, ама сега ги нема.

„Се враќаме назад, како пред пет години. Луѓе ни умираат“, револтирана е таа.

Повеќе >> www.slobodnaevropa.mk