Д-р Милев: Иритативност, потење при цицање, замор при хранење или ненапредување на доенчето се симптоми кои може да упатуваат на вродена срцева мана

Д-р Милев
Прочитај за: 2 минути

Конгениталните срцеви заболувања се најчестата вродена мана во светот, која афектира 1,35 милиони доенчиња секоја година ширум светот. Со каков тип на вродени срцеви заболувања се среќаваме ние во нашата клиника? Колку често се забележуваат витално загрозувачки мани?

  • Во секојдневната кардиолошка пракса се сретнувам со новородени, доенчиња, деца и возрасни кои имаат иста карактеристика- постоење на вродена срцева мана. Секако дека, секоја вродена мана е строго индивидуална за секој поединец, па така и клиничката слика и експресија зависи од типот на маната и степенот на хемодинамските нарушувања, кои доведуваат до клинички знаци кои се поврзани со одредната вродена срцева мана.  Околу 25% од срцвите мани кај новородените се проследени со потешка клиничка   слика во која доминира тахипнеата и или/цијанозата. Тоа се витално загрозувачки мани, на кои некогаш корекцијата треба да се изврши во текот на првите часови или денови од раѓањето, а  пожелно е тие породувања да се извршуваат во центри каде е лесно достапна педијатриската кардиохирургија, во случаи каде е веќе маната пренатално дијагностицирана. Во натамошниот доенечки развој, доминираат маните со шантови, кои одат со клиничка слика на срцева слабост, цијаноза или пулмонална хипертензија. Тоа се мани кај кои оперативениот или интервентниот третман е потребен во раната или покасната доенечка возраст. Еден дел од доенчињата ќе пораснат и кај овие деца во иднина ќе перзистира нивната мана со главен клинички знак- срцевиот шум. Затоа секој срцев шум, треба да биде барем еднаш во животот на индивидуата ехографски проследен и да се постави јасна дистинкција дали се работи за невин шум или вродена срцева мана. Мал дел од полесните срцеви мани, не доведуваат до позначајни клинички проблеми, па маната случајно ќе се открие кај адултен пациент со срцев шум или аритмија на срцето. Затоа и секој пациент со аритмија на срцето е потребно веднаш почетно ехокардиографски да се евалуира.

Веста за раѓање на бебе со вродена срцева аномалија во моменти кога сите се радуваат на долгоочекуваната принова во семејството, не е нималку едноставно да се соопшти. Дали родителите се подготвени на она што ги очекува и со колкава прецизност е пренаталната дијагностика (ехо-кардиографија)?

  • Веста за евентуална бременост за плод со срцева мана е секогаш непријатна за семејството, но секако, неопходно е рационално и критички да се соопшти. Денес, развојот на педијатриската кардиохирургија е на такво ниво, да и порано дијагностицираните комплексни срцеви мани, денес можат адекватно да се третираат и да донесат задоволителен квалитет на живот. Исто така оваа претпазливост ќе доведе до поголема вигилност и адекватен транспорт на едно новородено со витално загрозувачка вродена срцева мана во адекватен центар за лекување. Феталната ехокардиографија, сама по себе е предизвик за секој фетален ехографер, но со добра едукација, искуство, тренинг и добри прецизни проекции, можат да се елиминираат можните грешки при дијагностицирањето. Денес ретко кога сме соочени со предизвикот да предложиме прекин на бременост кај бремената жена која има плод со срцева мана, напротив, феталната ехокардиографија ќе помогне да тоа новородено навремено се дијагностицира по раѓањето и навремено се упати на лекување.

Повеќе >> zmc.mk

SHARE