Син ми има 2,5 години, сака да се облекува како девојче. Збунети сме!

Прочитај за: 4 минути

Мајка сум на 2,5-одишно синче. Тој е ведро, весело дете, постојано е активен, со многу силна волја. Зборува нормално, а има фонд на зборови од 50 до 60. Секој ден учи нешто ново, многу е љубопитен, знае и песнички и си ги потпевнува сам.

Поминува ограничено време пред екрани, со контролирани видеа без насилство. Она што ме загрижува е неговата фасцинација со розовата боја, или како што сам ја вика – женска боја.

Сè почна пред неколку месеци, кога имал тантрум за розови папучи и свекрва ми му ги купила. Ги носеше и искрено не ми пречеше, јасно ми е дека е убава боја, а тој сè уште не е свесен за својот пол. Блага сум со него на темата, меѓутоа, од неодамна почна да кажува јасно дека сака фустан, вика: „Мама купи фустан син“. Пред некое време бевме да купуваме јакна, си одбра црвен фустан и розови балетанки, а кога се вративме и ги немаше во кесата, зошто не ги плативме на касата, имаше тантрум.

Читав многу на темата и јасно ми е дека уште е непознато за него „момче и девојче“, меѓутоа, ме загрижува што бара сè розово, а исто така голем товар ми е притисокот од маж ми и свекрва ми. Маж ми е критички настроен и директен – ти не си женско и сл. Свекрва ми, од друга страна, ми прави поголем индиректен притисок. Така, побара од мене и маж ми да сме го насочувале да прави машки работи (а си ги прави – автомобили, пиштоли, авиони и сл), а изутрината ѝ се испушти дека му дозволила да ѝ ги лакира ноктите, што мислам дека дополнително го збунува. Друга работа е што бара да му ги облекувам моите блузи и пижами, во спротивно се треска, не заспива. Значи тоа е реткост, но се случило околу 5-6 пати.
Морам да споменам дека оди во градинка од 8 до 16 секој ден. Моето работно време е до 17 часот, вклучително и саботи, кога го чуваат маж ми и свекрва ми. Ова го споменувам зашто мислам дека можеби сум многу отсутна, па оттука произлегува сето ова. Цело слободно време му го посветувам нему и затоа сум многу збунета.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Драга читателка, колку е убаво да се чита како вашето дете расте во едно активно, љубопитно, весело дете со јака волја. Јас би додала и доста креативно.
Ја разбирам вашата загриженост, а исто така и чувството на збунетост. Поради сето тоа и сте побарале совет.
Како што и самите наведовте, во возраста во која е вашето дете родовите стереотипи немаат смисла. Детето поминува низ многу фази во развојот.

Во текот на првите години од животот, како што се годините на вашето дете, детето ја следи само својата љубопитност. Тоа е заинтересирано за целиот свет, без поделба во половите области.
И момчињата и девојчињата ќе поминат низ многу фази на огромна, но моментална фасцинација со различни области на животот (камиони, топка, коњи, кукли, животни, облека итн.).

Возрасните се оние што ги туркаат децата во стереотипни шаблони, нарачувајќи момчињата да си играат со автомобили и девојчињата со кукли. Ако го принудиме детето да ги следи овие традиционално наменети за неговиот пол игри, бои, работи, и вршиме притисок врз него, тогаш бараме да се откаже од тоа што е забавно за него, постигнувајќи спротивен ефект од предвидениот и тоа сигурно нема да влијае позитивно врз емотивниот развој на малото дете.

Билјана Манасова Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт

Сè доаѓа од односот на родителите со детето. Ако во вашето семејството се дава поголема важност на облеката, накитот, дотерувањето, може да се случи вашето дете да копира само одреден образец на однесување, вашето, а ако не сте толку достапна, тогаш постои можност и да му недостигате.

Ако бара да облекува ваша облека пред спиење, можеби има потреба да се почувствува сигурно. Наведовте дека таткото е критичен и директен, а колку е присутен и дали е исклучен, па детето не може него да го имитира, а може да се случи и од критичкото негово однесување вашето дете намерно да му контрира. Можеби имитира другарка од градинка бидејќи детето не се раѓа со мислата дека фустаните, розовата и црвената боја не се за него, дека не може да ги има.

Имајте трпение за тантрумите и не казнувајте го. Не придавајте му големо значење, т.е. семејно да се фокусирате на ова бидејќи тогаш детето ќе почувствува дека работи нешто погрешно. Дека тоа е погрешно. Oстанете мирни, поразговарајте со вашиот сопруг да не потенцира машки и женски свет, поминувајте квалитетно време заедно и одвоено со своето дете, придружете му се во неговиот свет на игра, фантазија, дајте му различни можности. Колку повеќе се проширува светот на детето, толку повеќе се проширува и неговиот хоризонт во учење нови работи.

Учете за боите, бојте, цртајте, читајте сказни пред спиење, градете, играјте топка… Природно е децата да сакаат да експериментираат со различниот пол, исто како што можеби ќе сакаат да се преправаат дека се кученце, или маче итн. Колку повеќе ќе експериментира детето, толку повеќе неговите избори ќе бидат слободни, автентични и успешни.

Детето треба да се чувствува прифатено и безбедно за да може да гради искрен однос со своите родители. Љубовта и прифаќањето од страна на родителите им помагаат на сите деца да се чувствуваат добро во врска со себе и својот единствен идентитет.

Извор: deca.mk

SHARE