Директорот на Институтот за Судска медицина, Станков: Најтешко е да се одговори кога починале мајката и синот од Велес, само на филм има апсолутно точно време на смрт

Прочитај за: 6 минути

Деновиве јавноста освен пандемијата со ковид-19 ја бранува и случајот со починатите мајка и син од Велес бидејќи кај 78-годишната жена беше утврдено присуство на вирусот. Во јавноста се појавија и информации дека жената е можеби почината пред 3 месеци повикувајќи се на обдукциониот наод. Овој сè уште непотврден податок остави сомнеж во јавноста дека ковид-19 бил присутен во нашата држава уште во јануари. Изјави по медиумите имаше и од лекари, од кои дел велат дека сме имале лилјаци и дека не сме знаеле што јаделе одредени социјални категории, па дека можеби починатата жена ја заразил некој од лицата што биле во станот за време на увидот, а дел посочуваат дека ако навистина жената била заболена со ковид-19 уште во јануари, ќе смениме историја…

Во моментов трае проширената истрагата за овој случај, за кој во јавноста се појавија дилеми откако беше утврдено дека жената е позитивна на вирусот. На многуте прашања треба да одговорат лекарите од Институтот за судска медицина, МАНУ и тимот на епидемиолозите од Институтот за јавно здравје.

Министерството за здравство ги демантираше информациите дека мајката и синот биле починати пред три месеци и посочија дека засега се знае само дека жената била почината повеќе од една недела.

Редакцијата на МКД.мк го консултираше доцент д-р Александар Станков, директор на Институтот за судска медицина, од каде што треба да се даде одговор на клучното прашање, односно кога настапила смртта кај велешанката и нејзиниот син.

Станков појаснува дека тоа е едно од најтешките прашања на кои стручните лица треба да дадат одговор и додава дека сите информации што до сега се појавија во јавноста се базираат само на претпоставки.

„По наредба на ОЈО Велес на Институтот беа донесени две тела што биле најдени во нивниот дом. Според оскудните податоци што ние ги добивме во времето на работење на обдукцијата, се дозна дека се работи за мајка и син, кои биле пронајдени по пријава од комшиите. Телата беа обдуцирани, при што за време на обдукцијата беше земен брис од главните душници. Земените примероци беа испратени во лабораторијата за вирусологија при ИЈЗ, од каде што добивме резултат дека во примерокот земен од жената е пронајдено присуство на генетски материјал на ковид-19.

Веднаш беа известени надлежните институции за да преземат понатамошни мерки. Во моментов работиме на утврдување на времето на смртта на двете тела. Морам да кажам дека се појавија различни информации поврзани со времето на смртта, кои доведоа до огромен интерес кај јавноста со претпоставки за можноста за присуство на вирусот во нашата држава подолг временски период од претходно утврдениот. Сите тие информации се базираат на претпоставки, а не на научни сознанија. Дури некои медиуми изјавија дека ги имале документите од обдукцијата. Одговорно тврдам дека ние никому не даваме документи од обдукцијата, а извештајот за обдукцијата кога ќе биде готов го испраќаме единствено до надлежниот јавен обвинител. Единствен документ што го добиваат роднините е дозволата за погреб, од која не може да се каже времето на смртта. Тој документ е доказ дека телото е обдуцирано и дека може да се погребе“, појаснува д-р Станков.

За постапката како кај трулежни тела се утврдува од што и кога настапила смртта, кои методи се користат во Институтот за судска медицина и дали точно ќе се знае кога починале или ориентационо и за колку време ќе бидат подготвени комплетните анализи со временскиот интервал на настапување на смртта, тој додава дека постојат огромни истражувања и сите добиени резултати не даваат можност апсолутно точно да се одреди времето на смртта.

„Едно од најтешките прашања на кои треба да дадете одговор при обдукција на едно тело е времето на смртта. Постојат огромни истражувања и сите добиени резултати не ви даваат можност апсолутно точно да се одреди времето на смртта. Тоа го има само на филмовите и никој сериозен судски лекар нема да ви каже починат е пред точно 2 часа или пред точно една недела. Секогаш се дава одговор за минималниот и максималниот постмортем-период. Утврдувањето на времето на смртта се врши врз основа на промените на телото што се случуваат по смртта. Брзината на развивање на тие промени зависи од многу фактори и при одредувањето на времето на смртта сите тие треба да се земат предвид.

Ќе наведам некои од тие фактори: причината за смрт, амбиенталната температура, дали телото е голо или облечено, влажноста на воздухот, присуството на инсекти, телесната конституција и многу други. Баш поради сите овие фактори треба да се биде внимателен при давање на овој одговор бидејќи погрешниот одговор може да даде погрешни насоки во истрагата. Исто така, во одредувањето на времето на смртта мора да се вклучат истражните органи во собирање комплетни информации за починатиот. Изјавите дека не ги виделе одамна, ама баш сега почнала да се шири неподнослива миризба, се контрадикторни. На значи дека ако некој човек не е виден со месеци, дека тој бил мртов со месеци. Потребни се детални оперативни информации, кои заедно со нашите наоди ќе го утврдат приближното време на смртта“, додава д-р Станков.

За ковид-19 се знае дека се пренесува преку близок контакт со заболен, но во овој случај иако мајката и синот живееле заедно, сепак тестот на жената е позитивен, а на синот негативен. Ова, теоретски, според докторот е можно.

Одговор од него побаравме и за тоа дали е можно вирусот да ѝ го пренел некој од лицата што биле на увид и ги транспортирале телата, или и двете можности се исклучени, како и може ли брисот да бил загаден во Институтот за судска медицина.

Д-р Станков вели дека ги исклучува овие можности и дека не е можно некој од увидната екипа да ѝ го пренел вирусот.

„Дали некој ги посетувал или не, не знаеме. Сè уште нема детални информации за социјалниот живот на починатите. Не е можно некој да го пренел генетскиот материјал најден длабоко во дишните патишта. Ја исклучуваме можноста некој да им го пренел генетскиот материјал и можноста за загадување на материјалот при земање на примерокот. Можно е да се направи тест на постоечкиот материјал што беше испитуван. Нема поента да се откопуваат телата и да се зема дополнителен примерок бидејќи не би бил репрезентативен“, појаснува д-р Станков.

За тоа колку ковид-19 може да живее во мртво тело, д-р Станков вели дека за овој вирус нема податоци колку време се задржува во мртво тело.

„Морам да напоменам дека за овој вирус нема податоци колку време се задржува во мртво тело. Меѓутоа, во овој случај пронајден е генетски материјал на вирусот, а не вирусот. Тоа има големо научно значење во овој период кога ништо точно не се знае за вирусот. Конкретно можам да кажам дека за одредени вируси постојат детални информации дека нивниот генетски материјал може да се најде и по 10 недели од смртта, а некои ги има и со години. Случајот бара време да се реши без притисок од јавноста. Ние како Институт не смееме да излегуваме со паушални податоци. Сè треба да се земе предвид, детално да се анализираат сите податоци добиени од обдукцијата и истрагата, па потоа да се излезе во јавност со заклучоци што се научно издржани без разлика дали тоа некому ќе му се допаѓа или не. Нашите намери се до крај да се реши случајот и да се одговори што точно се случувало со тие луѓе. Тука треба да се земат предвид точни информации од истрагата, а не чаршиски муабети дека не се виделе со луѓето. Ние врз основа на работата со овие случаи што се позитивни на ковид-19 стекнуваме искуство и даваме одговори што до сега ги нема. Како што може да забележите, никој не излегува со никакви резултати од направени обдукции во светот. Не излегува бидејќи сите резултати треба да се проверат, па после да се објават. Во нашава земја сè се бара веднаш и сега. Дури сега се појавија огромен број стручни лица што седат дома и изгледа досадно им е, па кројат секаков вид теории без за тоа да имаат никакви научни докази, а при тоа ја вознемируваат пошироката јавност. Јас ги повикувам сите тие стручни лица, особено ако се здравствени работници, да облечат мантил и да повелат низ болниците каде што се лекуваат болните од ковид- 19 да им помогнат на колегите. Или може да дојдат кај нас, ќе им најдеме работа. Доколку не се здравствени лица, нека одат да ги посетуваат старите лица што живеат сами“, апелира д-р Станков.

Трагичниот случај во Велес беше откриен на 6 април, кога во стан беа пронајдени распаднати тела на мајката и синот. Првичните анализи покажаа дека кај жената има присуство на ковид-19. Министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната информативна видеосесија истакна дека од голема помош ќе бидат податоците за починатите мајка и син за кои наскоро, како што рече, и ќе се дознае кога настапила смртта и тие податоци ќе бидат битни затоа што натаму ќе следува во однос на анализата на состојбата со антителата. Одговори на клучните прашања треба да дадат тимот лекари од Институтот за судска медицина, МАНУ и тимот на епидемиолозите од Институтот за јавно здравје. Ако биде потребно ќе се консултираат и експерти од Светската здравствена организација.

До тогаш од Институтот за судска медицина бараат јавноста да не шпекулира, а со тоа да се избегне и ширењето паника кај граѓаните, кои и онака минуваат низ тежок и несекојдневен период, кој ни го донесе епидемијата на ковид-19.

Извор: Мкд мк

SHARE