Шест месеци Македонија вакцинира со „Фајзер“ со истечен, па продолжен рок

Прочитај за: 2 минути

Следната недела истекува и продолжениот рок за шест месеци на вакцината на „Фајзер“ за заштита од Ковид-19, која со месеци е единствената што ја имаме. Иако интересот за вакцинација е значително опаднат, па дневно во пунктот во поликлиниката „Букурешт“ во Скопје за вакцина доаѓаат едвај по пет-шест луѓе, оние што ќе се охрабрат по изминати две години да побараат вакцина, имаат дополнителна дилема поради истечениот рок. Здравствените работници се обврзани да ги известат дека рокот отпечатен на пакувањата не важи и дека вакцините се безбедни оти Европската агенција за лекови во неколку наврати го продолжи рокот на употреба.

„Во моментот за заштита од Ковид-19 се користат вакцините на производителот ‘Фајзер’. На оваа вакцина што ја користиме ѝ е продолжен рокот за шест месеци, значи завршува на 31.1.2023 година, со тоа што институциите што стојат зад продолжувањето на рокот, како што е Европската медицинска агенција, нашите институции МАЛМЕД, Министерството за здравство, Комитетот за имунизација, ни укажуваат дека вакцината на ‘Фајзер’ е еднакво безбедна и ефикасна како и претходно. Пациентите се интересираат, прашуваат во однос на продолжениот рок на вакцината на ‘Фајзер’. Има пациенти што се двоумат, секако ним им го кажуваме сето ова што претходно ви го кажав и тие на крајот ја носат конечната одлука. Сосема мал број пациенти, кои, кога ќе слушнат, едноставно, ја одбиваат“, вели Бети Гелејчевска-Илкоска, лекар во вакциналниот пункт во Поликлиниката „Букурешт“.

На сите што ќе побараат, таа вели дека им го покажуваат и документот од МАЛМЕД, во кој прецизно е наведено до кога е продолжен рокот на вакцините на „Фајзер“, но останува забрането да си го понесат со себе шишенцето од вакцината.

„Не дозволуваме да се изнесе шишенцето. Тоа си стои. Има одредени препораки што стојат во упатството како да се применува оваа вакцина затоа што, кога ќе се извади од фрижидер, пропишано е колку време треба да стои на собна температура и во кој период може да се аплицира. Во тој контекст ние не дозволуваме вакцината да се изнесува. Тука е шишенцето и секој пациент, секој граѓанин, може да го види документот, како и шишенцето од кое ќе се аплицира“, рече Гелејчевска-Илкоска.

Повеќе >> a1on.mk