Лажна е информацијата дека гаргара со топла вода и сол помага против коронавирус

Прочитај за: 2 минути

“Гаргара со топла вода и сол како лек против коронавирусот“, ова е еден од објавите што се споделуваат на социјалните мрежи, а како извор на информацијата се наведува УНИЦЕФ.

Оваа информација е лажна, односно ги дезинформира луѓето и воопшто не е пласирана од УНИЦЕФ.

Партиција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава, преку допис до медиумите реагира дека се шират информации на социјалните мрежи во кои нивната организација е наведена како извор.

„Вчера видовме информација што широко се распространи преку социјалните медиуми во која УНИЦЕФ беше наведен како извор. Информацијата почнува со давање совет за користење маски и завршува со препорака да се прави гаргара со топла вода и сол за да се уништи вирусот во грлото. Тоа не е вистина. УНИЦЕФ не е извор на оваа информација. Сите информации што УНИЦЕФ ги споделува се објавуваат на локалната веб-страницата unicef.mk на глобалната веб-страница unicef.org и преку социјалните медиуми Твитер, Фејсбук, Инстаграм и Јутјуб“,

истакнува претставничката на УНИЦЕФ.

Ди Џовани наведува дека во овој момент е потребна внимателна подготовка, која се потпира на научни податоци и дека многу луѓе споделуваат информации за вирусот и за тоа како да се заштитиме од него, но само некои од тие информации се корисни и проверени.

Таа ги повика сите што веќе ја споделиле таа информација да ги поправат своите објави, така што ќе ја избришат информацијата и ќе ги известат своите мрежи дека информацијата не е точна и не доаѓа од УНИЦЕФ.

„Ги охрабруваме сите да бидат претпазливи и одговорни кога станува збор за споделување информации со тоа што секогаш ќе проверат дали таа доаѓа од проверен извор како што се Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Светската здравствена организација и УНИЦЕФ. Одговорноста да се заштитиме себеси и другите вклучува и одговорност да провериме дали споделуваме информација од сигурен извор. Ширењето дезинформации во време на здравствена криза ги прави луѓето незаштитени и поподложни на болеста, дополнително ширејќи параноја, страв и стигматизација“,

се наведува во реакцијата.

Од Министерството за здравство во повеќе наврати апелираа до граѓаните да се информираат од официјални извори и сите информации поврзани со коронавирусот да ги следат на нивната веб-страница.

SHARE