Д-р Комаровски: „На децата не им се потребни играчки и лекови, туку родители”

Прочитај за: 2 минути

Климата се менува, температурите драстично се зголемуваат, а вирусите „лудуваат“. Како системски да се зајакне имунитетот на децата? Исто така, сè повеќе деца во пролет патат од алергија. Што треба да се направи, а да не се (зло)употребат антихистаминиците?

„Луѓето воопшто, па и децата конкретно имаат способност за адаптирање на сите временски услови. Промената на климата може сериозно да влијае врз иднината на човечката цивилизација, но е значително преценето влијанието на овие промени врз здравјето на личноста, конкретно кај детето.

Модерниот семеен живот е многу различен од оној пред 20 или 30 години. Ситуацијата е различна: од негата на децата до домашните апарати, климата, храната, времето поминато на воздух, па дури и квалитетот на воздухот, спортот и рекреацијата во детските установи, и школските и претшколските. Посебно прашање е денешната медицинска етика. Паролата на агресивните фармацевти гласи: нема здрави, постојат само оние што не се доволно темелно прегледани. За секој, па и за најмалиот проблем, фармацевтските компании измислија лек. Уште еден важен фактор се компјутерите, кои сериозно влијаат врз современото воспитување и комуникацијата меѓу родителите и децата.

Сето ова го наведувам за да го привлечам вниманието на фактот дека родителите имаат тенденција да ги земат предвид климатските промени како оправдување за сопствените грешки и мрзливост, бидејќи имунитетот и здравјето на детето најпрво се формираат со начинот на живот. А мама и тато се оние што го обликуваат начинот на живот кај детето.

Кога родителите не можат да проценат што е добро или лошо за нивното дете, тие не можат да организираат соодветна нега и исхрана, вежбање, пешачење, пливање, укажување на основна медицинска помош на децата при чести болести – сето тоа доведува до тоа родителите во „хор“ да ја обвинуваат лошата клима, загадениот воздух, неорганизираната држава, лошите доктори итн.

Уште една типична заблуда е дека поголемиот дел од возрасните се убедени дека постои лек кој на чудотворен начин може да влијае врз зајакнувањето на имунитетот кај децата. Ваков лек не постои, а сето она што е на полиците во многу аптеки се „шарени лаги“. Употребата на овие препарати служи само за родителите да се уверат дека прават добро за своето дете. Другата цел на овие лекови е да ги наполнат џебовите на производителите.

Ако сакате вашето дете да не страда, ако сакате лесно и брзо да се адаптира на условите за живот и околностите кои брзо се менуваат, тогаш читајте, заинтересирајте се. А пред сè, не дозволувајте вашето дете да биде претопло облечено, немојте премногу да му давате да јаде, симулирајте секојдневна физичка активност и немојте детето да го чувате во „стерилни“ услови. Со децата поминувајте повеќе време на свеж воздух и немојте да му давате „магични“ апчиња за зајакнување на имунитетот. Најмногу од сè, на детето му се потребни мама и тато.

И уште неколку збора за алергиите кои се сè поактивни: ниту овде не треба да се обвинува само климата. Ќе повторам дека децата не треба да се облекуваат премногу топло и многу да им се дава да јадат. Треба да се избегнат „идеално стерилни“ услови, давање непотребни лекови и прекумерна употреба на хемикалии во домаќинството. Важно е да се контролира квалитетот на воздухот во просторијата, посебно онаму каде што спијат децата. Бидејќи главниот фактор кој предизвикува појава на респираторните алергии се топлиот и сув воздух полн со прашина“.

Повеќе >> Деца Мк

SHARE