Пет главни корисни дејства на медот, па дури и кај триглицеридите

Прочитај за: 3 минути

Медот е слатка вискозна супстанца која е продуцирана од пчелите. Тие го ,,собираат” медот од цветниот нектар (растителен секрет богат со шеќери) и го складираат во восочна структура наречена саќе. Оваа намирница е особено популарна во нашиот регион. Со генерации се произведува и користи за исхрана, но и за лекување.

Постојат различни типови на мед, во зависност од регионот во кој тој се одгледува: боров, шумски, ливадски, багремов итн. Сите тие имаат некои свои карактеристики.

Во продолжение ќе видиме кои се тие главни корисни дејства на медот, на што треба да внимаваме и зошто треба да го употребуваме во секојдневнието, како засладувач во замена за кристалниот шеќер.

Добар нутритивен извор

За разлика од грануларниот, бел шеќер кој содржи само ,,голи” калории, односно само глукоза и ништо друго, медот содржи и други компоненти.

Покрај 64kcal во една кафена лажичка, кои доаѓаат само од јаглехидратите, содржи и минерали како калиум, цинк и железо (иако во многу мал %), но и антиоксиданти! Некои типови на мед содржат и траги од други хранливи материи како витамини, аминокиселини, ензими итн.

Квалитетниот мед е богат со антиоксиданти како фенолична киселина и флавоноиди. Студии покажуваат силен моќно антиоксидативно дејство на овие елементи. Јадењето мед, може да допринесе за зголемување на антиоксидативниот статус на крвта.

Телото природно продуцира слободни радикали како метаболитички ,,отпад” . Ваквиот отпад е силно реактивен, па може да предизвика оксидативен стрес, односно да ги оштети различните клетки на организмот. Во спречувањето на овие процеси клучна улога играат антиоксидантите.

Спречувањето на оксидативниот стрес, понатаму го спречува развојот на хроничните воспалителни процеси во организмот, кои се еден од главните ризик фактори за повеќето хронични заболувања, како: рак, кардиоваскуларни заболувања, Алцхајмер итн.

Медот може да допринесе за кардиоваскуларното здравје

Заменувањето на белиот шеќер од секојдневнието со мед, може да има различни многу корисни ефекти врз здравјето. Помеѓу најзначајните е ефектот на намалување на неколку ризик фактори за срцеви заболувања.

На пример, една студија која се одвивала еден месец и ги истражувала ефектите на шеќерот и медот кај 55 испитаници, на крајот дава интересни податоци. Имено, оние кои користеле мед ги намалиле нивоата на ,,лошиот” LDL холестеролот, а од друга страна ги зголемиле нивоата на HDL или ,,добриот” холестерол. Исто така, нивото на триглицериди или масти во крвта, бил намален за 19%.

Некои студии пак, правени на животни, укажуваат дека медот може да влијае и на намалување на крвниот притисок, што е уште еден главен ризик фактор за кардиоваскуларните заболувања.

Медот го забрзува заздравувањето на раните

Во традиционалната медицина ширум светот, една од најчестите употреби на медот била за лекување токму на отворените рани. Истражувачите биле заинтересирани да откријат дали и какво влијание има медот при вакви состојби.

Според испитувањата, ова дејство на медот се должат на неговите антибактериски својства. Изгледа дека медот има способност да го намали или спречи растот на микробите – предизвикувачи на инфекциите.

Дополнително, некои студии укажуваат дека медот може да се користи и за третирање на симптомите на некои состојби на кожата, како на пример: псоријаза, дерматитис, херпес, итн.

Антиалергиско и супресирачко дејство на кашлиците

Ова е уште една главна употреба на медот во традиционалното лекување. Што вели науката?

Една студија правена 2007 година на деца со бронхитис, покажала дека оние кои консумирале мед, за разлика од оние со плацебо лековите, имале намалување на симптомите, главно на кашлањето.

Друга студија пак, на тема алергии, заклучува дека луѓето со поленова алергија, кои земале поленов мед искусиле:

• намалување на симптомите за 60%
• 70% помалку денови со потешки симптоми
• двапати повеќе денови кои се без симптоми
• 50% помалку употреба на лековите антихистамини

Се смета дека ова се должи на антиоксидативните и антивоспалителните својства на медот. Исто така, како еден од можните третмани за алергиите се смета десензитизирањето на телото од алергените реакции, со постојано внесување на алергенот во помали количини. Во медот можат да се содржат траги од поленот кој е алерген.

Дефинитивно, многу подобро решение од рафинираниот шеќер

Ова тврдење сме го слушнале веројатно повеќе пати. Но, дали е тоа вистина. Краткиот одговор, кој веќе го начнавме погоре би бил: дефинитивно, да!

Медот има висока калориска вредност како и шеќерот. Сепак, тој содржи некои минерали и моќни антиоксиданти кои ги споменавме, a има и значително помал гликемиски индекс, што го прави идеален засладувач. Гликемискиот индекс е мерка за тоа колку брзо расте нивото на глукоза во крвта, веднаш по внесувањето на било каква храна.

Исто така, студиите покажуваат дека употребата на медот, наместо белиот шеќер може да ги намали триглицеридите во крвта и вкупниот холестерол. На овој начин, медот влијае позитивно и за кардиоваскуларното здравје.

Внимавајте со количините! Не важи правилото: повеќе е подобро.

Сепак, иако медот е подобра опција за засладувач од рафинираниот шеќер, треба да внимаваме и да го употребуваме во умерени количини. Тоа е така заради, сепак високата калориска вредност од простите шеќери. Ова важи особено за дијабетичарите и они кои сакаат да ја намалат својата телесна тежина.

Внимавајте од каде го набавувате

Многу често медот е мешан со некои шеќерни сирупи и процесиран на најразлични начини, во намерата да се намали неговата цена. Одбирањето на квалитетен мед, иако можеби е поскапо, сепак е клучно за ,,користење” на бенефитите кои ги набројавме погоре.

Извор: Др. Митов

SHARE