Коронавирусот може да го пренесуваат и луѓе што немаат симптоми

Прочитај за: 2 минути

Кинески истражувачи потврдиле случај на несимптоматично пренесување на новиот коронавирус. 20-годишна девојка од Вухан заразила петмина во нејзиното семејство со вирусот иако таа никогаш не била физички болна. Станува збор за првиот конкретен доказ дека личност што нема симптоми на вирусот може да им го пренесе на други лица. Овој факт може да го направи потешко спречувањето на ширењето на вирусот.

Истражувачите велат дека девојката била изолирана, а лекарите ја набљудувале во една болница. Никогаш не била болна, иако членови на нејзиното семејство имале симптоми. Двајца од нив имале тежок случај на пневмонија. Засега се чини дека несимптоматичното пренесување претставува аномалија, но лекарите забележале други случаи во кои биле добиени позитивни тестови за присуство на вирусот кај луѓе што немале симптоми.

Во еден извештај од Кинескиот центар за контрола и спречување болести се анализираат сите пријавени случаи на вирусот од 8 декември до 11 февруари. Било откриено дека 1,2% од пациентите биле заразени со вирусот, но ги немале симптомите. На бродот „Дајмонд принцес“ бил откриен уште поголем процент на вакви случаи. Имено 322 од 621 лице што се заразиле со вирусот немале симптоми.

– Јасно е дека луѓето што се вклучени во овие извештаи се оние што биле во болница – изјавил Антони Фаучи, директор на Националниот институт за алергии и инфективни болести.

Девојката за која се пишува во извештајот живее во Вухан – градот во кој се појави коронавирусот. Таа патувала во Анјан на 10 јануари. Три дена подоцна, заедно со пет члена на семејството, отишла да посети болен пациент (кој го немал вирусот) во болницата во Анјан. На 17 јануари еден член од нејзиното семејство почнал да ги чувствува симптомите, а следната недела се разболиле и другите четворица од семејството. Тие биле примени во болница на 26 јануари. Сите го имале коронавирусот.

Единствената личност што била во Вухан и имала контакт со заболеното семејство била девојката. Првите тестирања за коронавирус на девојката биле негативни, но еден ден подоцна тестовите покажале дека таа го има вирусот иако нема симптоми. Девојката не добила симптоми до 11 февруари.

Лекарите заклучиле дека периодот на инкубација на девојката, односно периодот во кој таа го ширела вирусот траел 19 дена. Властите претходно претпоставуваа дека периодот на инкубација за вирусот трае од 1 до 14 дена, но нови истражувања покажуваат дека тој може да трае и до 24 дена. Многу земји ги составија правилата за карантин за патниците од Вухан врз основа на првата претпоставка.

Повеќето од случаите на заболени со коронавирус не се опасни, но вирусот досега уби над 2.200 луѓе и зарази над 76.000. Иако поголемиот дел од заразените се во Кина, вирусот се прошири во 29 други земји.

Еден случај на несимптоматично пренесување слично на она со девојката од Вухан бил опишан и во друго истражување. Една жена од Шангај му го пренела вирусот на 33-годишен Германец во јануари. Три дена подоцна тој се чувствувал подобро и се вратил на работа, каде што заразил двајца колеги. Но, истражувачите не разговарале со жената, која всушност имала слаби симптоми кога го пренела вирусот.

SHARE