По 12 часа во операциона сала не вадев маска, не ми кажувајте дека 10 минути во маркет не можете да ја носите

Прочитај за: 5 минути

Цели 23 години поминав во операциона сала, како медицинска сестра во Мостар, се случуваше и по 12 часа да не ја симнам заштитната маска од лице. Затоа, кога гледам низ град луѓе кои влегуваат во маркети и други јавни простории на затворено, без маска или пак со симната маска под нос, а кои ми кажуваат дека не можат да ја носат истата ниту десет минути, немам што друго да кажам, освен да апелирам полицијата да започне сериозно да контролира и да казнува – вака за ,,Фокус” ја започнува својата приказна медицинската сестра Лаила Анѓелов, која околу две години живее во Македонија, а неодамна ја извојува битката со корона вирусот.

Лаила има 49 години и спаѓа во ризичните групи, бидејќи е дијабетичар и прима инсулин. Таа дошла од Босна во Војшанци, Неготино, од каде по потекло е нејзиниот сопруг, и како медицинско лице, вели дека строго се држела до мерките за заштита од вирусот. Најчесто одела во аптека, на контрола во ЈЗУ Неготино или пак до маркет, секогаш со заштитна маска, и редовно правела дезинфекција на рацете. Од каде и како се инфицирала, вели дека не знае, но никогаш нема да ја заборави својата битка со опасниот вирус. Нејзиниот сопруг работи во голема приватна фабрика, и иако се плашела дека тој би можел да биде на удар на вирусот, сепак, неговиот тест бил негативен, додека таа завршила на болничко лекување.

-Во Војшанци, каде што сами живееме со мојот сопруг, има околу 400 жители, мало место, луѓето се познаваат. Јас, како лице кое помина добар дел од животот по болници, како медицинска сестра која работела со најкритични случаи, со луѓе чии прогнози биле најлоши, која помина зад себе војна и се што носи војната за медицинарите во првите редови, редовно на сожителите им кажував дека мора да се внимава, бидејќи вирусот не е игра. Сепак, она за кое ми е жал, е тоа што многумина од нив се уште не го сфаќаат сериозно. Умираат млади луѓе, нов вирус е за кој доста малку се знае. Кога здравствените власти даваат препораки, тие мора да се почитуваат! Не смее да постои изговор, дека не можеш да дезинфицираш раце, или пак дека за десеттина минути во маркет, не можеш да издржиш со маска на лице! –појаснува Анѓелова.

Таа вели дека и покрај тоа што ги почитувала мерките за заштита, сепак вирусот не ја одминал, како што вели, бидејќи можеби имала намален имунитет. Првиот знак кој што го почувствувала бил уморот, кој се јавувал, па исчезнувал, се додека не и се јавила покачена температура.

-Уморот го препишав на моето лошо спиење, како медицинска сестра која често дежураше ноќе, имам проблеми со сонот, па затоа и првин помислив дека се чувствувам исцрпено поради несоницата. Но, кога и по неколку дена не ми беше подобро, започнав да се грижам. Потоа се јави покачената температура, па кашлицата, и мене веќе ми беше јасно дека, колку и да се пазев од корона вирусот, најверојатно сум се инфицирала. Првото нешто кое го направив, беше изолацијата. Му кажав на мојот сопруг дека се сомневам на вирусот, се сместивме во посебни соби и се јавив кај матичниот лекар во Неготино, доктор Јован Кузманов. Следеше преглед, а потоа ми беше закажано земање на брис, бидејќи бев сомнителен случај со симптомите кои ги имав. Брисот ми беше земен на 9-ти септември, веќе истиот ден, попладне стигна позитивниот резултат. Немаше паника од моја страна, без страв и срам, бидејќи не е ова некоја табу тема или нешто кое треба да се крие. Останав на домашно лекување, во постојан контакт со мојот матичен лекар, за кого имам само пофални зборови за неговата професионалност и човечност. Следеа и снимања, се испостави дека имам воспаление на белите дробови. Температурата одеше горе – доле, и веќе по неколку дена започнав постојано да повраќам. Тоа беше вклучен аларм, со возилото на итната помош бев префрлена на Инфективно одделение во болницата во Велес. Таму поминав дванаесет дена, од 13-ти до 15-ти септември. Температурата веќе наредниот ден беше нормализирана, останав со терапија за воспалението на белите дробови, и ден по ден состојбата ми стануваше подобра, под будното око на посветените лекари-раскажува медицинската сестра.

Таа вели дека е презадоволна од третманот во велешката болница, има само пофални зборови за целиот персонал. Ја добила потребната нега, персоналот кон сите се однесувал грижливо. Со тага се сеќава на 22-годишното момче од Свети Николе кое исто се лекувало во велешката болница од корона вирус, а кое ја изгуби битката со болеста.

-Многу млади животи отидоа, едноставно мора да се подигне јавната свест за опасноста. Не смее да се има пропуст кога е заштитата во прашање. Јас уште од самиот почеток бев свесна дека најверојатно се работи за Ковид-19, па затоа и веднаш се изолирав и не се двоумев да се јавам кај матичниот лекар. Драго ми е што ниту едно лице не инфицирав, мојот сопруг правеше тест, резултатот е негативен, поради контакт со мене во изолација беа сместени вкупно три лица, сите се добри. Несфатливо ми е тоа што овде запознав многу луѓе, кои се обидуваат сами да се лекуваат, за било каква болест да се работи. Дури кога доаѓа нож до коска, бараат лекарска помош. Не може тоа така, не смее секој да изигрува медицинар. Не смее да се крие болеста, мора да се бара лекарска помош уште на самиот почеток, бидејќи вирусот го напаѓа целиот организам, ако не се пружи помош на време- раскажува Лаила.

На 25-ти септември била пуштена дома, и сега примала терапија за зајакнување на имунитетот. Иако не знае точно од каде се инфицирала, вели дека слабиот имунитет може да биде причина за тоа дали некој полесно ќе се зарази.

-Во војната бев ранета, преживеав многу трауми. Многу се плашев од вирусот, ама ете, очигледно од тоа од кое најмногу се плашам, не ме одминува. Сега имам бронхит, кој веројатно ќе ми стане хроничен, матичниот ме прати на преглед во Јасеново, треба да одам наредната недела, но драго ми е што сето ова е зад мене, најтешкото помина. Посебно поради тоа што сум дијабетичар, со редовна терапија. И она кое не можам, да не го спомнам, не знам зошто, но многумина кои дури и лично ме знаат, уште се скептици кога е вирусот во прашање, мислат дека е нешто слично на обична настинка, што е далеку од вистината. Зарем ние, излекуваните од корона вирус, треба да појаснуваме дека навистина сме биле инфицирани, дека не станува збор за никаква завера, ова е нешто кое е реалност во целиот свет, колку и да не сака дел од народот тоа да го прифати. Мора да се почитуваат мерки, ако не поради себе, тогаш за да се заштитат другите – вели медицинската сестра.

Пред неколку дена била во Неготино и во Кавадарци, да заврши обврски во аптека, маркет, и во некои јавни установи. И по секојдневните високи бројки на новозаразени пациенти, вели дека е изненадена од непочитувањето на мерките на кои наишла.
-Влегувам во маркет, повеќе од половина купувачи или не носат маски, или пак ги симнале под нос, тоа е исто како да не ги носат. Средство за дезинфекција во еден маркет немаше, побарав од вработените да донесат, а тие ме гледаат зачудено. Бев на еден културен настан, таму исто така набутани луѓе без маски, без дистанца.

Прашувам, каде е полицијата? За помалку од половина час видов над 20 лица без маски, ама ниту еден полицаец не сретнав да казнува, да провери дали се почитуваат мерки, посебно таму каде што има повеќе народ. Тоа мора да се смени, ако сакаме побргу да се избориме со пандемијата-порача Анѓелов.

Извор: Фокус

SHARE