Ленче Здравкин и Денис Јанкуловски добитници на наградата “Мето Јовановски” за човекови права

Прочитај за: < 1 минута

Годинашни добитници на државната награда „Мето Јовановски“ за промоција, заштита и унапредување на човековите права се Денис Јанкуловски и Ленче Здравкин, соопшти Одборот за доделување на наградата.

Медицинскиот техничар од Центарот за јавно здравје Денис Јанкуловски беше во првите борбени редови во борбата против коронавирусот и промовираше одговорно однесување на социјалните мрежи.

Хуманитарката Ленче Здравкин им помагаше на мигрантите кои поминуваа по железничка пруга за време на бегалската криза. Таа го отвори својот дом и несебично им пружаше помош на бегалците.

Наградата ќе им биде врачена на добитниците на 10 декември 2022 година во 12 часот во Собранието.