Мајонезот целосно ќе се исфрли од исхраната во градинките по труењето со паштета од туна во Куманово

Прочитај за: 2 минути

Мајонезот целосно ќе се исфрли од исхраната во детските градинки, велат од Министерството за труд и социјална политика по труењето на шеесетина деца во три градинки што, според првите наоди било предизвикано од паштета во која имало состојки на мајонез.

Свежа паштета направена од туна, пилешко месо и мајонез, го предизвикала труењето на децата и вработените во детската градинка „Ангел Шајче“ во Куманово, соопштија од Министерството за труд и социјална политика. Тие велат дека мајонезот не се користел како примарна храна туку како додаток во мали колични и најавуваат дека целосно ќе биде исфрлен од употреба.

„Внимателно го следиме случајот со труење на децата во трите објекти од градинката „Ангел Шајче“ во Куманово и сме во постојана комуникација со надлежните институции. Првичните сознанија, утврдени од Центарот за јавно здравје, укажуваат дека причина за труењето е од мајонез од фабричко производство кој бил во оригинално пакување. Мајонезот воопшто не се користел како примарна храна туку во многу мали количини под 10%, како додаток при подготовката на свежа паштета од туна и од пилешко месо. Со новите упатства за подготовка на оброците мајонезот целосно ќе биде исфрлен“, соопштуваат од Министерството за труд и социјална политика.

Министерството за труд и социјална политика најавува дека ќе направи целосна ревизија на нормативите и стандардите за исхрана и оброци на децата во детските градинки, во насока на нивно унапредување и усогласување со потребите за правилен раст и развој на децата.

„Под целосна ревизија ќе бидат и рецептите за подготовка на оброци за децата коишто ги користат установите за воспитание на децата, со цел да се унапредат и да се усогласат со најновите истражувања за здрава исхрана, но и за потребите на децата во делот на нутритивната вредност. Упатствата за подготовка на оброците во детските градинки се изработени од Републичкиот завод за домаќинство и за жал подолг период не се променети. Од тие причини, во соработка со експерти од областа, работиме на подготовка на нови упатства кои ќе значат отстранување на сите производи кои не ги задоволуваат стандардите за здрава исхрана“, додаваат од Министертсвото.

Тие велат дека во согласност со надлежноста, ќе ги преземе сите мерки за утврдување одговорност за случајот за труење на децата во градинката.

Труењето со храна во три кумановски градинки се случи минатиот четврток откако децата за доручек јаделе паштета. Со симптоми на труење лекарска помош побарале 66 деца на возраст од 2 до шест години и три вработени.

Извор: sdk.mk

SHARE