Во Македонија 1.500 смртни случаи на 100.000 жители како последица на загадениот воздух

Прочитај за: 3 минути

Македонија, особено скопскиот и северозападниот регион, влегува во црвената зона на земји со загадување со ПМ 2,5 честички со концентрации над 25 микрограми на кубен метар, нотира годишниот извештај на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) за 2019 година, кој беше објавен пред два дена.

Заедно со останатите земји од источна и југоисточна Европа, земјава бележи и над 1.500 смртни случаи на 100.000 жители годишно, како последица од загадениот воздух, што е највисок процент во Европа. Земјите од Западен Балкан сериозно го зголемуваат и европскиот просек на смртни случаи од загаден воздух внатре во домовите, кој е директна последица од користењето на фосилни горива за затоплување и готвење. Бучавата, климатските промени, квалитетот на водата за пиење, како и изложеноста на токсични хемикалии, според извештајот, се исто така високо на листата ризици кои сериозно го загрозуваат регионот, а заканата, како од високите температури, така и од екстремните студови, пожарите и поплавите секоја година е сѐ поголема.

Аерозагадувањето е и понатаму најголемиот ризик за здравјето на животната средина во Европа, со околу 400.000 предвремени смртни случаи во 2018 година. Бројките се највисоки во источна и југоисточна Европа, кои како посиромашни држави се и далеку позагадени од остатокот на Европа. Во овој дел од стариот континет се измерени највисоките концентрации на ПМ честички директно емитирани од согорувањето на цврсти горива. Влијанието на загадувањето на воздухот врз здравјето е најмало во северна и северозападна Европа, каде и смртноста е најмала, со помалку од 400 жртви на 100.000 жители.

„Срцевите заболувања, мозочни удари, хронична опструктивна белодробна состојба, карциномот на белите дробови и респираторните инфекции се најчестите болести поврзани со загадениот воздух. Според податоците од Светската здравствена организација (СЗО) во 2016 година во Европската Унија112.000 случаи на срцеви заболувања кои резултирале со фатален исход се последица на лошиот воздух. Исто така, аерозагадувањето е поврзано со невролошки нарушувања, астма, дијабетес и дебелина. Најзагрозени се хронично болните, децата, бремените жени и старите лица“, пишува во Извештајот на ЕЕА.

Европската агенција ја посочува бучавата како втор најголем ризик и за физичкото и за менталното здравје на луѓето. Еден од пет жители на Европа, живеат во средини каде што бучавата сериозно му се заканува на здравјето, а 6,5 милиони хронично не спијат заради високи децибели. Најзагрозени се тие што живеат или работат покрај прометни сообраќајници или покрај аеродроми. Долгорочното изложување на бучава во животната средина предизвикало 12.000 предвремени смртни случаи во ЕУ и придонело за нови 48.000 случаи на срцеви заболувања годишно. Децата се изложени на ризик за нивниот когнитивен развој, бидејќи имаат помалку развиени можности за справување и контрола на бучавата.

Климатските промени, особено екстремните температури, поплавите и шумските пожари имаат директно влијание за голем број смртни случаи, како и за се почестата појава на стари, но и нови болести пренесени со вектори и алергени, како и контаминирани извори на вода. Топлотниот бран во 2003 година предизвика 70.000 предвремени смртни случаи во Европа, а од поплавите умреле над 8.000 лица во последните четири децении. Европската агенција предупредува дека, доколку не се спроведат планираните мерки за контрола на глобалното затолување, екстремните климатски услови ќе придонесат за дополнителни 132.000 смртни случаи годишно во ЕУ до крајот на овој век, а повеќето од нив ќе се случат во централна и јужна Европа. Сепак, доколку државите се држат до сценариото под два Целзиусови степени, бројката на дополнителни смртни случаи годишно ќе се намали до 58.000.

„Пандемијата со коивид-19 ни дава јасен пример за неразделната врска помеѓу здравјето на луѓето и на екосистемите. Појавата на овие зоонотични патогени микроорганизми е директно поврзана со деградацијата на животната средина и човечките интеракции со животните во синџирот на храна“, констатира Европската агенција за животна средина во годишниот извештај.

Извор: Иновативност

SHARE