Одликуван со медал Македонскиот медицински тим во Авганистан

Прочитај за: < 1 минута

Шестчлениот медицинскиот тим на АРМ се враќа со медал за успешно извршена мисија во Авганистан, каде што беше интегриран во теренската болница предводена од Норвешка во Кабул, како дел од операцијата „Одлучна поддршка” – Мисија на НАТО.

Тимот од тројца доктори-специјалисти и три медицински сестри во јануари замина на обука за воена хирургија во Норвешка, а од март годинава беше распореден во рамките на норвешката болница во Кабул, Авганистан. Нивната мисија требаше да трае до септември годинава, но поради одлуката на НАТО за повлекување од Авганистан веќе се на пат за Скопје и се очекува деновиве да пристигнат.

Овој тим на АРМ беше тешко навреден од страна на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски, кој од собраниската говорница на 21 април кажа дека во извештај на норвешки воени експерти е оценето дека македонскиот хируршки тим не може сам да ги извршува своите должности и дека македонскиот главен хирург не знае да изврши основни хируршки операции.

На неговата изјава веднаш реагираше норвешкиот одбранбен аташе, потполковникот Егил Далтвејт, кој рече дека Стојаноски лаже и одбива јавно да се извини за изнесените невистини.

Далтвејт тогаш кажа дека ако обвинувањата на Стојаноски биле точни, македонскиот медицински тим немало да биде на должност во Кабул, одговорен за спасување на животите на сојузничките и норвешките војници кога е потребно и го прекори Стојановски:

„Изнесувањето обвиненија против некој што е во воена зона, кој ѝ служи на својата земја и на нашата Алијанса, од безбедна и привилегирана позиција како пратеник во македонскиот Парламент, според мене како офицер и одбранбено аташе, е тотално неприфатливо“.

SHARE