Дел од медицинските сестри во Ковид-центрите сè уште работат без здравствено осигурување

Прочитај за: < 1 минута

Месеците поминуваат, медицинските сестри заедно со останатиот персонал во болниците секојдневно и неуморно се борат за здравјето на секој пациент – но, некои од нив сè уште работат со нерегулиран статус кај своите работодавци.

Со сета заштитна опрема на себе, но без здравствено осигурување, во случај и на нив да им е потребна лекарска нега.

Ова го истакнаа од Здружението на медицински сестри – споредувајќи со некои други европски земји каде што медицинските сестри беа прогласени за личности на годината и добија значајни покачувања на своите плати, но не и овде.

Министерот за здравство признава дека на дел од медицинските сестри сè уште не им е решен статусот и покрај тоа што повеќе од една година се едни од главните алки на здравствениот систем среде пандемијата.

За утре најави состанок со медицинските сестри и приватните специјализанти токму за прашањата кои најмногу ги засегаат.

Меѓудругото, од Здружението на медицински сестри побараа до властите и да им ја признаат Високата школа, нешто што сега не е регулирано. Министерот им возврати дека ќе се разгледаат барањата и дека ќе се бара долгорочно решение.

Извор: telma.com.mk