Нарачки на ампули „клексан“ по автобус и ако на некого му останал дома

Прочитај за: 2 минути

Ампули „клексан“ клучни во лекувањето на пациенти болни од Ковид 19 кои што имаат проблеми со згрутчување на крвта и со тромбоцитите, ги нема во најголемите ланци на аптеки во Македонија.

Како што ,„Слободен печат“ утврди со проверки на терен и како што утврдивме во разговори со фармацевтите во аптеките, оваа ситуација трае со недели, а ,,клексан” во меѓувреме има останато во Берово и тоа неколку ампули и во Велес, исто така неколку дози. Аптекарите не посоветуваа доколку имаме некого во овие градови да замолиме да ни ги прати по автобус.

Во Фејсбук групата „Ковид 19 искуства и совети“, граѓани бараат „клексан“ од заостанати залихи од некој што претходно ги користел но починал или оздравел, па веќе не им се потребни.

Ивана Николовска од Скопје, чиј што татко е хоспитализиран на комплексот клиники ,,Мајка Тереза” на кислородна поддршка, вели дека нејзиниот татко лично по телефон и кажал да му набави десет ампули ,,клексан” зашто болницата ги немала.

Татко ми е хоспитализиран со коронавирус и дише на кислородна поддршка, во државна болница. После испитувањето ми се јави да ми каже да донесеме десет клексани зашто во моментот немаат. Ние цела вечер и утрово сме растрчани по аптеките и никаде не најдовме, во поголемите аптеки го нема со недели. И на крај, преку Фејсбук, од луѓе што имаат неколку ампули преостанати по дома и не им се повеќе потребни, ми ги понудија и сега брат ми се сретна со тоа семејство да ги земе ампулите. Не ми е јасно како може да нема болницата, па ние да мораме да бараме. Сите можни аптеки во именикот на аптеки ги прашавме и немаа клексани од 0.4. Исто така, овие ампули што ги најдовме од некој што ги имал преостанато дома, не знам како биле чувани, дали соодветно или не. Но тој ризик е помал отколку татко и да не ја прими терапијата. Кога ги однесе брат ми во болница, сите цимери на татко ми му рекле, брзо ги најде, најди ни и нам по десет, изјави за „Слободен печат“ Николовска.

Повеќе >> Слободен Печат

SHARE