Зошто е добро на децата да им давате Омега-3?

роф. д-р Емилија Влашки, Универзитетска клиника за детски болести, Медицински факултет, Скопје

Астмата е хронична инфламаторна (воспалителна) болест на дишните патишта со широка варијација во преваленцијата ширум светот и со актуелен тренд на пораст кај децата и адултите во земјите во развиток кои претходно имаа ниска преваленција, како што е нашата земја. Со оглед на неверојатна промена на генетските фактори за краткиот временски период од неколку децении, како одговорни за географската варијација и трендот на пораст, најнапред пројавен во економски развиените земји, се сметаат променетите еколошки фактори и стил на живеење. Во склоп на Интернационалната Студија за Астма и Алергии во Детството (ISAAC) беа испитувани голем број на хипотези за надворешните фактори на ризик за астма во детската возраст. Со оглед на тоа дека во исто време со пројавениот пораст на преваленцијата на астма модерниот „западен стил на живеење“ доведе до промени во исхраната со намален внес на свежо овошје, зеленчук, цереалии, риба и други продукти коишто се извори на антиоксиданси (витамини, елементи во трагови) и омега-3 масни киселини, беше поставена диететската хипотеза.

Намалениот внес на антиоксиданси со исхраната доведува до намалена функција на природните антиоксидантни одбрамбени механизми во респираторниот систем, резултирајќи во зголемена чувствителност на организмот кон ендогените (од самиот организам) оксиданси и егзогените (надворешни) оксиданси т.е. аерозагадувачите, со последична инфламација на дишните патишта и астма.

Намалениот внес на омега-3 полинезаситени масни киселини, во последните децении заменети со зголемен внес на омега-6 масни киселини (маргарин, растителни масла, живина, јајца, соја), има про-инфламаторно дејство и го зголемува ризикот од астма и други алергиски болести. Рибата пак, делува превентивно врз астмата и алергијата преку селенот, витаминот Е (alpha tocopherol) и омега-3 незаситените масни киселини. Утврдената ниска инциденција на астма и други хронични болести кај северните абориџински популации кои консумираат големи количини на масна риба, богата со омега-3 масни киселини, доведе до зголемен интерес и исцрпни истражувања за значењето и механизмите на дејство на овие киселини.

Омега-3 незаситените масни киселини содржат 8 киселини од кои биолошки најактивни и најзначајни се docosahexaenoi-чна киселина (DHA) и eicosapentaenoi-чна киселина (EPA). DHA е застапена во клетките на мозокот, ретината и срцето, додека EPA е инволвирана во инфламаторни механизми. Омега-3 незаситените масни киселини влијаат врз оптималниот развиток на мозокот, нервниот систем и ретината кај малите деца, а имаат превентивен ефект врз кардиоваскуларни болести, хипертензија и зголемено ниво на масти во крвта кај адулти. Дополнително, се смета дека овие масни киселини имаат анти-инфламаторен ефект кај хронична опструктивна белодробна болест, астма, ревматоиден артритис и инфламаторна цревна болест. Тие го инхибираат создавањето на леукотриени и простагландини од арахидонската киселина и омега-6 масните киселини, како и создавањето на цитокини од инфламаторните клетки, кои се од значење во инфламаторните процеси кај астмата.

Голем број на епидемиолошки и клинички студии кои го испитувале ефектот на внес на риба или омега-3 масни киселини како додаток во исхраната во тек на бременост, лактација, доенечки период, детство и адултна возраст сугерираат причинска поврзаност меѓу намалениот внес на рибино масло во модернизираниот тип на исхрана и зголемениот број на индивидуи со астма и други алергиски болести. Имено, се смета дека омега-3 масните киселини во детската возраст имаат модулаторно дејство врз имунолошкиот систем, го намалуваат создавањето на IgE антитела во доцната фаза (од значење за појава на алергиски реакции), ја намалуваат еозинофилната инфламација на дишните патишта и ја намалуваат бронхијалната хиперреактивност (зголемена одзивност на дишните патишта на изложеност на алергени, аерозагадувачи, вирусни инфекции и други тригер-фактори). Веќе се делумно откриени молекуларните механизми на нивното анти-инфламаторно дејство преку идентификација на нивните биоактивни метаболити (протектини, ресолвини, маресини). Кај пациенти со алергиска болест, посебно со тешка астма, утврдена е пореметена регулација на метаболизмот на масните киселини, што би го објаснило поволниот ефект на омега-3 незаситените масни киселини во превенција или подобрување на овие болести.

Човечкиот организам не може да создаде омега-3 масни киселини, така што тие би требало да бидат внесени преку исхраната (анчуви, лосос, туна, сардина, морски плодови) или преку додатоци во исхраната (рибино масло). Фармацевтски припременото рибино масло има предност во однос на рибата со оглед на отсуството на ризикот од присутни тешки метали, полихлорирани бифеноли, диоксини, радиоактивни и други еколошки загадувачи или хормони за раст кај рибите одгледувани на фарма. Би требало да се потенцира дека е од значење изворот на рибиното масло, при што предност имаат малите риби налик на анчуви и сардини од чисти мориња наспроти големите риби кои се со поголем ризик од присуство на токсични материи или рибите од контаминирани морски води. Со цел да се користи континуирано во текот на целата година и да се одбегне појава на хипервитаминоза А, пожелно е рибиното масло да содржи омега-3 масни киселини без додаток на витамин А и витамин Д, кој пак е од значење во поладниот период на годината.

Рибиното масло како природен извор на омега-3 незаситени масни киселини би можело да се користи во превенција или како адјувантна (додатна) терапија, покрај инхалирачките кортикостероиди и долгоделувачките бета-2 агонисти и оралните леукотриенски антагонисти, кај астма за можно намалување на создавањето на про-инфламаторни медијатори, намалување на бронхијалната хиперреактивност и намалување на дозата или бројот на анти-астматичните медикаменти.

Зависно од возраста, кај деца од раѓање до 18 години, препорачаниот дневен внес на омега-3 масни киселини се движи од 500 милиграми до 1,6 грама (Food and Nutrition Board, Institute of Medicine, The National Academies, USA).

Од значење за квалитетот и ефикасноста на рибиното масло како финален производ е потеклото (строго контролирани еколошки услови), составот во однос на концентрацијата и соодност на DHA и EPA и стабилноста. За подобра прифатливост од страна на децата, рибиното масло треба да има пријатна боја, арома и вкус.

loading...
SHARE