Пациенти кои го победија ковид-19: Агресивната терапија ни остави тешки последици

Прочитај за: 2 минути

Дел од пациентите кои веќе неколку месеци се излекувани од корона вирусот, сега имаат бројни здравствени проблеми. Во разговор за Фактор велат дека имаат серозни потешкотии со црниот дроб, покачен шеќер во крвта, а често чувствуваат и слабост во мускулите, па дури и вртоглавици. Ова го кажуваат пациентите кои во ковид-центрите во Македонија биле хоспитализирани со најтешка клиничка слика на корона вирусот, кои во болница поминале повеќе од две, па дури и три недели.

-Се лекував цели 19 дена во болница од Ковид-19. Имав сатурација 50, 60. Навистина многу тешка клиничка слика. Освен што бев на кислородна поддршка (за среќа не бев на респиратор), секојдневно примав инфузии и голем број антибиотици. Многу јака антибиотска терапија обично лекарите ја даваа кај сите хоспитализирани пациенти и јас сум крајно благодарна што ми го спасија животот. Но, она што сакам да го кажам е дека дури по 3 месеци откако излегов од болница, се уште не можам да си го доведам организмот во ред. Имам тешки последици, и тоа се пред сè здравствени потешкотии со црниот дроб и енормно покачување на шеќерот. Знаете како велат, едно се лечи, друго се расипува. Не постои витамин што не го земам, но сега пијам и лекарства за репарација на црниот дроб и за контрола на шеќерот. Најважно е да се внимава во ова време на епидемија, особено сега кога ќе настапи и периодот на настинки и грипови. Велам, сите пациенти со тешка форма на ковид се третираат со крајно агресивна терапија, лекови, инфузија, што практично е борба на лекарита да ги спасат пациентите од најлошото, вели соговорничката на Фактор, која успешно се избори со болеста уште во јули, а истовремено испрати и фотографија на која се гледа колку витамини и лекарства мора да зема сега.

Замор во мускулите и изнемоштеност се уште чувствува и пациент кој од болница излегол кон крајот на август. За Фактор појаснува дека има чувство дека уште долго време ќе треба да помине за да се врати во нормала. Вели дека има постојана потреба од одмарање зошто секојдневно чувствува слабост, понекогаш главоболки, се заморува и по краткотрајно пешачење.

-Ја победив короната, несомнено. Последните резултати се во ред, но чувствувам една бура во организмот, како се да ми е поместено. Најмногу ме плаши постојаниот замор, не можам да испешачам повеќе од половина час. Се надевам дека витамините кои ги пијам ќе му дадат сила на организмот и ќе го зајакнам имунитетот. Во периодов што следи, навистина имам намера да се изолирам колку што можам повеќе, само до работа и назад, потенцира соговорникот, кој е на возраст од 43 години.

Повеќе >> Фактор

SHARE