Пандемијата ги „прегоре“ лекарите и сестрите

Прочитај за: < 1 минута

Синдромот на работна исцрпеност е се поприсутен меѓу здравствените работници кои последнава година мака мачеа да ја стават под контрола пандемијата со ковид-19.

Повеќе од 90 проценти од медицинските сестри се во напредна фаза на работна исцрпеност и преживуваат на работа со опасни нивоа на стрес поради ковид-пандемијата, покажал прашалникот на кој одговориле 72 медицински сестри од ковид-центрите на интерните клиники. Прашалникот бил на доброволна основа и потоа користен за потребите на конгрес за неврологија, но открил дека синдромот на работна исцрпеност, или „брнаут” е широко навлезен во болничките ходници меѓу медицинските работници.

На прашалникот одговориле и 24 лекари, чии резултати исто така во 78 отсто од случаите покажуваат работна исцрпеност и стрес. Синдромот на работна исцрпеност се состои од искусување на опасни нивоа на стрес кој ако не се промени, тогаш здравствениот работник има голема шанса да подлегне на некое покомплицирано заболување предизвикано од стресот.

Претседателот на Здружението на медицински лаборанти на Клинички центар во Скопје, Ивица Апостолов, за „Слободен печат“ вели дека кај се поголем број здравствени работници се позабележлив се преморот и беспомошноста, разочараноста и целосната исцрпеност поради постојаниот стрес на работа што го доживуваат во периодот подолг од една година со ковид. Тој додава дека инвестицијата во здравјето на граѓаните е непосредно поврзана со менталното и физичкото здравје на медицинскиот персонал, а здравствените работници се ресурс на кој државата мора особено да внимава во наредниот период. Според него, министерот за здравство, Венко Филипче веднаш треба да ги исплати петте проценти ветено, но неиспорачано зголемување на платите на сите здравствени работници.

Повеќе >> Слободен Печат

SHARE