Д-р Пановски: Во Сарај, Чаир и Аеродром има жаришта, ме плаши зошто сега го укинаа полицискиот час

Прочитај за: 2 минути

Д-р Никола Пановски во отвореното студио на ТВ 24 истакна дека укинување на полициски час на цела територија е признавање на пораз и смета дека треба да се преземат мерки во Сарај, Чаир и Аеродром каде има жаришта.

– За мене е неочекувано од медицински аспект и не гледам зошто сега би се олабавиле мерките кога бројот на активни случаи расте, друго е да паѓаат ,така што меркиве немаат оправдание од тој аспект. Сметав дека и порано требаше да се донесе скратување на полицискиот час со зголемување на денот од 21 или 22 часот да биде. Границите не знам за кого би се отвориле, први јуни е многу рано и никој нема да не прими на 1 јуни да одиме. Мене ме плаши зошто е потребно сега одеднаш да се укине полицискиот час – рече Пановски.

Тој предуреди дека младите кои 3 месеци се затворени ќе почнат да се собираат до рани утрински часови.

– Што ќе се случи таму кога ќе пијат од исто шише, кога ќе делат иста марихуана или цигара… Ако има некој позитивен кај нив ќе ги донесат симптомите дома кај родителите или кај бабите и дедовците, тоа е оној страв кај мене – рече докторот.

Пановски вели дека освен непочитувањето на мерките, престана и транспарентноста на Министерството за тоа каде се ширела болеста. Според него, мерките требаше да се преземат кога почнаа да растат бројките точно на оние места каде имаше непочитување и со драконски казни.

– Сарај сега не е ништо подобар од Дебар кога го ставија во карантин. Никој не ни помислува, ниту градоначалникот на Сарај е загрижен, ниту граѓаните се нешто загрижени. Они со 35.000 жители имаат 50 активни случаи, тоа по некоја формула имаат најмалку 500 активни случаи. Кога ќе споредите со општина Центар или Карпош се добива дека во таа општина има 10-тина пати повеќе новозаболени отколку во Центар и Карпош. Треба да се преземат мерки во Сарај, Чаир и Аеродром каде има жаришта. Укинување на полициски час на цела територија е признавање на пораз – смета Пановски.

SHARE