Доживеав парализа кога ми соопштија дека син ми има аутизам

Прочитај за: 2 минути

Најтешкиот момент во мојот живот беше кога пред безмалку 15 години, ја дознав дијагнозата на мојот син Адам, аутизам. Болката е многу голема, но мора да имате ладна глава зашто вие сте должни пред сопственото дете. Ова го истакна м-р Аниса Беќировиќ Трпчевска, автор на делото „Јас и аутизмот“, кое всушност е водич за родители на деца со аутизам и други посебни потреби. Книгата денеска беше промовирана во Даутпашиниот амам, а на промоцијата учествуваа членови на семејството на Беќировиќ-Трпчевска, нејзини пријатели и гости.

– Овој водич треба да им послужи на родителите, да можат послободно да живеат, како сите останати. Преку својот личен пример со мојот син Адам, покажавме дека од ништо успеавме да создадеме нешто, да направиме смисловна биднина, која се надевам дека ќе биде сѐ подобра – рече авторката на книгата.

Таа одбива да заработи од книгата. Кажа дека не ја напишала за да оствари финансиска добивка, туку да придонесе во будењето на свесноста за аутизмот преку својата лична животна борба.

– Ова го правам за Адам и за сите родители како мене. Ова не е божја казна, туку е благослов. Ние имаме тенденција кон вртење на религијата, а притоа правиме грешка кога го одбиваме она што е поинакво од нас. Бог направил секое суштество да е совршено на свој начин. Адам е моето совршено несовршенство. Јас живеам со аутизмот речиси 15 години. Овој водич ја опишува мојата борба со самата себе.

Кога родител ќе се соочи со дијагноза која не е болест, туку е состојба на умот за која нема лек, имаме можност само да се соочиме со ситуацијата и да бараме пат по кој ќе врвиме. Нашата патека не е мазен германски автопат без дупки, туку е полн со камења, лизгав е и полн со изненадувања. Мора да имате ладна глава зашто вие сте должни пред сопственото дете кое не може да функционира самостојно. Тоа дете во вас гледа со очи полни доверба, и ако вие го изневерите, што останува со останатиот свет? – им се обрати авторката на присутните гости.

Повеќе >> www.novamakedonija.com.mk

SHARE