Почина првиот здравствен работник од Ковид-19 во земјава

Прочитај за: 2 минути

Почина првиот здравствен работник од Ковид-19. Од Фармацевстката комора известуваат дека, 58 годишниот Петар Мојсоски фармацевт од село Подгорци, Струга, кој имал своја аптекаво струшкото село починал на Инфективната Клиника во Скопје и неговата смрт е регистрирана во извештајот од вчерашниот ден.

„Фармацевтска комора на Македонија со огромна болка и тага соопштуваат дека на 27-ми мај 2020 година згасна животот на нашиот почитуван колега дипломиран фармацевт Петар Мојсоски. Тој е првиот здравствен работник кој почина од КОВИД -19. Почина извршувајќи ги своите професионални должности, пружајќи здравствена заштита на своето работно место. Во аптека, се зарази од вирусот SARS-CoV-2. Болеста го совлада и ја загуби битката со неа на Инфективната клиника во Скопје“, се вели во соопштението од Фармацевстката комора.

Мојсоски имал аптека во близина на амбуланта во која што имало заразен персонал со Ковид-19. Се претпоставува дека коронавирусот го добил од пациенти кои доаѓале да земаат лекови во неговата аптека. Од Фрамацевстката комора предупредуваат дека фармацевтите се на првата линија со Ковид-19 соочувајќи се секојднево со пациенти.

„ Фармацевтите и фармацевтските техничари кои работат во аптеките се на првата линија во лекувањето на сите пациентите без разлика на нивните заболувања и здравствени состојби. Во состојба на пандемија кога потребата за посета на аптеките е поголема изложеноста на здравствените работници е зголемена, а со тоа и ризикот за заболување.“, велат во комората.

Почитувањето на мерките за заштита се од огромна важност и за намалување на можноста за заболување и на можноста за ширење на болеста. Се замолуваат пациентите и покрај олабавувањето на мерките, да ги почитуваат и понатаму мерките за заштита при посета на аптека, предупредуваат од комората.

„Препораките се објавени на веб страната на Фармацевта комора www.fk.mk. Потребни се координирани чекори со Министерството за здравство и другите здравствени установи и работници во понатамошниот развој на настаните поврзани со преземање на мерки за заштита и ширење на болеста. Ја истакнуваме потребата од поголема вклученост на Министерството за здравство во донесувањето на понатамошните мерки и препораки за работа на аптеките и здравствените работници кои работат во нив“, велат од комората.

Мојсоски дипломирал на Фармацевтскиот факултет во Скопје. Стручните знаења како и љубовта кон природата ги користел во интерес на науката и публикацијата. Уште за време на студирањето објавува научни трудови од областа на лековитите растенија и нивната употреба. Во 2005 година ја објавува својата прва книга „Лековити растенија на планината Јабланица“, во 2008 „Природни антибиотици“ и во 2009 „Отровни билки“.

„Петар Мојсоски целата своја кариера ја посветува на пациентите работејќи во аптека најдолго во родното Подгорци како и во други места. Најважна грижа му беа пациентите и нивното здравје.

Голема е тагата, Фармацевтска комора на Македонија загуби почитуван член, фелата драг колега, а пациентите посветен здравствен работник. Упатуваме длабоко сочувство до семејството и до најблиските“, се вели во соопштението од Фармацетската комора.

SHARE