Полициски час во Македонија, Владата почна потготовки

Прочитај за: 3 минути

Дваесетина минути по полноќ, Владата соопшти дека ги задолжила Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата да изработат предлози и планови за спроведување на најстроги рестриктивни мерки против ширењето на COVID-19.

Веќе денеска (21.3.2020 година), со таков предлог треба да излезат од Министерството за здравство, кое се задолжува:

„Да подготви детален писмен предлог со мерки и препораки за воведување на најстроги рестриктивни мерки во врска со спречување, внесување и ширење на коронавирус COVID-19 (забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија за време на ден и во ноќ, организирање на јавниот превоз, сменско работење, опфатени категории на лица по возраст) и истите да ги достави до Владата, за седницата што ќе се одржи на 21 март 2020 година (сабота)“,

соопштуваат од Владата.
Мерките кои ќе ги предложи Комисијата, пред Владата ќе ги бранат двајца епидемиолози, кои ќе ги определи министерот за здравство Венко Филипче. Во меѓувреме, задачи ќе имаат и полицијата и војската.

„Се задолжуваат Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија да направат детален оперативен план за спроведување на најстроги рестриктивни мерки што ќе ги преземе Владата, со цел спречување, внесување и ширење на коронавирусот COVID – 19“,

соопштија од Владата.
Во владиното соопштение сепак нема детални информации или насоки, како на пример кога и на кој начин ќе биде забрането движењето. Тоа веројатно ќе биде познато подоцна во текот на денот.

А до тогаш, ќе почне построга примена на актуелните мерки, особено за лицата кои се во самоизолација. Откако и по изречените глоби од по неколку илјади евра, секојдневно има нови граѓани кои ги напуштаат живеалиштата, ќе се воведе државен карантин за неодговорните.

„Сите лица што не ја почитуваат мерката за самоизолација да бидат спроведени во државен карантин и против истите да биде поведена соодветна постапка, трошоците за време на престојот во државен карантин ќе бидат на товар на лицата што не ја почитувале оваа мерка. За ова, се задолжува Министерството за правда, во соработка со Министерство за здравство да подготви соодветна уредба со законска сила во која правно ќе ја нормира целокупната постапка за спроведување во државен карантин“,

се вели во владиното соопштение.
Во задолжителен државен карантин ќе бидат ставени и сите македонски државјани затекнати во странство, кои ќе бидат враќани со т.н. хуманитарни летови.

Плаќањето на авионската карта за организираниот лет ќе биде на товар на патникот, додека трошоците за сместување, транспорт од аеродром и храна ќе бидат на товар на Буџетот на Република Северна Македонија.
Објектите кои ќе бидат определени за државен карантин да бидат обезбедувани од страна на припадниците на Министерството за внатрешни работи и припадниците на Армијата на Република Северна Македонија (секој кат од објектот, секој влез и излез на објектот и просторот околу објектот).
Периодот во кој овие лица ќе бидат сместени во државен карантин да биде најмалку 15 дена, веднаш по нивното слетување.
Лицата кои ќе бидат сместени во државен карантин да бидат по едно до две лица во просторија.
Храната за овие лица да се дистрибуира директно до просториите, а хигиената во истите да ја одржуваат сами.
Владата го задолжило и Министерството за внатрешни работи да го информира секое лице кое ја напушта земјата да му даде да потпише лична изјава дека излегува од границите на државата на своја одговорност, дека е запознаено дека голем број на земји ги затвориле границите и дека државните органи на РСМ не можат да му гарантираат навремена помош за враќање во земјата.

Владата донела и одлука, важноста на патните исправи, личните карти и возачките дозволи, чиј рок на важење е истечен, да се продолжи за времетраењето на вонредната состојба.

SHARE