Мајки, помалку стрес – посреќно дете !

Прочитај за: 3 минути

За да може мајката да му овозможи на детето сѐ што му треба, прво треба да мисли на себе, а тоа значи дека не смее да ги занемарува своите потреби бидејќи во спротивно ќе се доведе во состојба на исцрпеност.

Време за себе

Денес, стресот е сеприсутен и затоа времето за себе не смееме да го гледаме како луксуз, туку како потреба. Во секојдневните разговори мајките најчесто се жалат на притисок од сите страни и имаат потреба денот да трае подолго зашто едноставно не стигнуваат да направат сѐ што замислиле. Секако, незадоволни се и од самите себе зашто сѐ прават половично, немаат време за себе и многу се раздразливи.
Родителскиот стрес најдобро се препознава по симптомите на вознемиреност во секојдневните ситуации, на пр., при кавга меѓу децата, одржување на хигиената, подготовката за училиште и кога детето дава отпор.
Но, секојдневниот стрес и не е толку лош ако личноста е свесна за тие ситуации за да може да спречи тој да се акумулира и за да не дојде до интензивен стрес.

Интензивен стрес

Резултат на интензивниот стрес е нестрплива и раздразлива личност. Интензивниот стрес во улогата на мајката претставува пренасочување на негативното внимание кон детето, така што постојано го критикува, физички го казнува, грубо го смирува, вика… Мајките што се под стрес покрај себе имаат болно и неприспособено дете што многу бара, а тие мајки се сметаат себеси за лоши.
Важно е мајката да стане свесна од каде доаѓа стресот за да ги најде соодветните механизми за справување со него.

Симптоми на стрес

Симптоми на стрес се забрзано работење на срцето, напнатост, лоша концентрација, лутина, непријатно чувство на страв, безволност, напнатост, константен умор, изразена грижа, заборавеност, тага, раздразливост, губење на интересот за дотогашните активности и раздразливо однесување.
Секоја мајка има сопствен начин за борба против стресот, но важно е да знае и да го користи тоа што ќе ја развесели, што ја враќа во рамнотежа и ја смирува.
Важно е, на крајот на краиштата, да си признае дека понекогаш е под стрес и дека тоа не значи дека е лоша мајка. Мајчинството е најтешката животна улога и важно е да имате на ум дека не мора да бидете совршена мајка зашто таква не постои!

Занемарување на себеси

Занемарувајќи се себеси, ќе се доведете до состојба на исцрпеност и нема да можете на детето да му ја дадете поддршката што му е потребна. Задоволната мајка е подобра мајка, па затоа важно е да пронајдете време за себе така што ќе научите да им кажете „не“ на одредени обврски, ќе ги подредите приоритетите и подобро ќе се организирате.
Исто така, станете свесни за енергијата со која се враќате од работа затоа што децата ја впиваат вашата енергија, па ако доживувате негативни емоции, мора да му ги покажете на детето и да разговарате со него за тоа.

Не кријте се кога сте тажни

На пример, кажете му на детето дека сте тажни или лути затоа што денот не испаднал така како што сте си замислиле и дека имате некакви проблеми на работа, па плачете зашто така ви е подобро да се справите со нив. На тој начин ќе му испратите порака на детето дека непријатните емоции се природни.
Преку вашиот пример научете го детето како да реагира кога ќе се најде во слични ситуации во кои ќе почувствува непријатни емоции, кои ќе си дозволи да ги преживее.
При одредени ситуации, особено тогаш кога детето ги тестира границите, важно е да останете смирени и доследни, јасно и одлучно да го кажете своето барање и да ги одредите приоритетите поврзани со детето и со неговите потреби.
Бидете усогласени со детето за да може да ги препознаете неговите реакции и потреби. Секако, побарајте поддршка од партнерот, од пријателите и од семејството секогаш кога ви е потребна. Ако мислите дека нема излез од чувството на преоптовареност, незадоволство и раздразливост, не срамете се да побарате стручна помош. Да се побара помош е знак на сила, а не на слабост!

(deca.mk)

SHARE