ОН: Предвремените умирања директно поврзани со загаденоста на воздухот

Прочитај за: < 1 минута

Загадувањето на воздухот е причина за едно од пет предвремени умирања во 19 града во Западен Балкан, меѓу кои се опфатени Скопје, Тетово, Битола и Велес, покажува извештајот „Загаденоста на воздухот и здравјето на луѓето: случајот Западен Балкан“.

Македoнскиот воздух е пет пати позагаден од европскиот, стои во извештајот на Обединетите нации.

Жителите на Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија се изложени на една од најголемите концентрации на загаден воздух во Европа, што е за пет пати поголема од националните и европските упатства на ЕУ.

„Загадувањето на воздухот во градовите од Западен Балкан предизвикува помеѓу 15 и 19 отсто од вкупната смртност и го намалува очекуваниот животен век за 1,1 до 1,3 година“ – стои во извештајот.

Вкупниот број на предвремени умирања директно поврзани со загаденоста на воздухот во градовите од Западен Балкан е речиси 5.000 годишно. Во седум од проучуваните градови, загадувањето на воздухот е одговорно за најмалку 15 проценти од предвремените умирања, а во Тетово дури за 19 проценти.

Според извештајот, економските и индустриските структури во регионот се надградени, но мора да бидат значително подобрени политиките за контрола на загадувањето на воздухот.

„Главните извори од емисиите на ПМ-10 честичките во Северна Македонија се греењето на станбени објекти (46 проценти), индустриските процеси (главно производство на феролегури) (22 проценти) и производството на енергија (11 проценти) – Скопје, Тетово, Битола и Велес. Слично на тоа, главни извори на емисии на ПМ-2,5 честичките се греењето на станбените објекти (58 проценти), индустриските процеси, главно производство на феролегури, (20 проценти) и производството на енергија (6 проценти) (МЖСПП, 2008)“, се вели во извештајот кој го цитира Министерството за животна средина и просторно планирање.
izvor-telma.mk

SHARE