Што се случува во мозокот на мајката кога бебето ќе ѝ се насмее првпат?

мајка бебе
Прочитај за: 2 минути

За време на постпородилното закрепнување, непроспиените ноќи, приспособувањето на новиот распоред и учењето на знаците што ги испраќа бебето, постојат оние моменти кога новата мајка би можела да помисли – не знам уште колку ќе можам да издржам со ова темпо. За среќа, баш во тој период новороденчињата се насмевнуваат првпат и со својата насмевка ги истеруваат сите негативни мисли.

На многу мајки тоа искуство им го топи срцето и ја воздигнува душата. Тоа е трошка која им помага на мајките да преминат на следните предизвици, без разлика дали се работи за првата настинка на детето или забите. Секојпат кога бебето ќе се насмее, мајката се сеќава колку е силна заради своето бебе.

Дејна М. Курц, психотерапевт со седиште во Њујорк и авторка на книгата „Мајките се важни: Холистичен водич до среќна и здрава мајка“, вели дека тоа го гледа во својата клиничка практика.

– Една мајка со која соработував ми го раскажа своето искуство со првата насмевка на своето дете. Осум недели по породувањето, кога била многу исцрпена, се сетила на своето бебе кое и дало широка насмевка непосредно пред ноќното хранење. Во тој момент ја обзела силна радост и олеснување и првпат почувствувала вистинска врска со својот син – вели Курц.

Што е тоа со детската насмевка што може толку длабоко да влијае врз мајката? Може ли сето тоа да им се препише на хормоните?

Можеби тоа произлегува од инстинктот за преживување кој доенчињата го поврзуваат со својата мајка или доенчето кое учи социјални знаци. Или нешто повеќе се случува во нашиот мозок? Во 2008 година научници од Хјустон објавиле свои истражувања на таа тема. Нивната студија „Зошто се смее? Одговори на мајчиниот мозок на знаците од лицето на доенчињата“, зема податоци од слики (од магнетна резонанса) од 26 жени додека набљудувале слики од доенчиња што се смеат, плачат или имаат неутрален израз. Сликите го вклучувале и сопственото доенче на мајките, наизменично со непознати доенчиња со слична националност и слична облека и положба. На секоја слика бебињата прикажувале различни чувства преку еден од трите изрази на лицето: среќен, неутрален или тажен. Истражувачите ја следеле промената на мозочните активности на мајката преку премини на сликите од сопственото дете до непознато дете, па од среќно, неутрално до тажно и обратно.

Повеќе >> deca.mk

SHARE