Синдром на скршено срце – може ли да се умре од тага?

Прочитај за: 2 минути

Често можеме да чуеме од некого дека има ,,скршено срце”. Секако, ова е метафорички кажно, но постои и вистинска медицинска дијагноза позната како синдром на скршено срце.

Сигурно некогаш сте се запрашале како е можно двајца повозрасни сопружници да умрат еден по друг, во само неколку денови, иако едниот можеби немал некакво тешко заболување. Најверојатно во вакви случаеви се работи токму за синдромот на скршено срце, кој е предизвикан од енормно стресната ситуација. Но, постојат и други пример кога може да дојде до овој синдром.

Медицинските лица го нарекуваат уште и стресно-индуцирана кардиомиопатија.

Други причинители кои можат да го предизвикаат се и:

• тешки операции
• некои сериозни заболувања
• некакви економски проблеми
• сообраќајни несреќи
• емотивни сеќавања

Но. може да биде предизвикан и од ,,добар” шок, како на пример добивка на огромна сума пари на игри на среќа.

Што всушност се случува?
Се смета дека при синдром на скршено срце, дел од срцето наречен лева вентрикула или попознат како лева комора, привремено ослабнува и настануваат сериозни проблеми со испумпувањето на крвта.

Експертите исто така веруваат дека коронарните артерии кои што го хранат срцевиот мускул со кислород, на еден начин се згрчуваат. Ова може да создаде силна болка во градите.

Ако ваквата состојба брзо не се третира, може да биде смртоносна исто како и срцевиот удар.

Симптоми
Најчестите симптоми се болка во градите и недостаток од здив, односно пациентот има чувство слично на срцевиот удар. Дополнително, можни се и:

◦ збунетост и замор
◦ намален крвен притисок
◦ гадење
◦ неправилни отчукувања на срцето

Симптомите настануваат неколку часа по нагло настанатиот стрес или шок.

Ризични групи
Жените се поподложни од мажите на синдромот на скршено срце. Ова е особено случај кај жените над 50 годишна возраст, што веројатно е резултат на пониските нивоа на естроген, но докторите не се сосем сигурни за точните причини.

Експертите исто така веруваат дека генетиката игра сериозна улога, но луѓето со одредени здравствени нарушувања се најризични:

• луѓето со тешки повреди на главата
• луѓето со епилептични напади
• луѓето со психички нарушувања како депресија и анксиозност

Дијагностицирање
Ако докторот се сомнева на оваа дијагноза, можно е да препорача неколку тестови кои ќе ја докажат, како што се:

◦ физички преглед и историја на болести – поставување прашања за симптомите и за тоа дали неодамна е доживеан некаков силен акутен стрес

◦ ЕКГ(електрокардиограм) – преглед на ритамот и структурата на срцето.

◦ крвна слика – може да укаже на некакви срцеви оштетувања.

◦ коронарен ангиограм – тест за заболувања на коронарните артерии.

◦ ехокардиограм – овој ултразвучен метод му овозможува на докторот да забележи некакви промени во правилниот облик на срцето, односно дали постојат некакви зголемувања.
◦ рентген – исто така може да укаже на неправилности во обликот на срцето, но и да покаже дали причинител на симптомите се некакви проблеми со белите дробови.

Терапија
Синдромот на скршено срце се лечи. Докоторите препишуваат специјални медикаменти за третирање на срцевото затајување, како на пример: ACE инхибитори, бета-блокери и диуретици.

Опоравување
Компликации се можни, но сепак луѓето кои го преживуваат првичниот ,,напад” на срцето предизвикан од силниот акутен стрес, најчесто целосно се опоравуваат во наредните 4 до 8 недели.

Значи, вистина е, се умира од „скршено срце”.

Извор: Д-р Митов

SHARE