Лекарката ми зготви супа оти бев изнемоштена, се расплакав од човечноста

Прочитај за: 3 минути

Скопјанка која оздраве од коронавирусот и која решила да се лекува дома иако немала лесна форма на болеста, вели дека е восхитена и трогната од пожртвуваноста, професионалноста и човечноста на лекарите од Центарот за јавно здравје кои ја лекувале со домашни посети.

Триесетгодишната девојка која живее сама и била сама во текот на целото боледување, вели дека најважно е да се биде максимално отворен и транспарентен со медицинските лица за целокупната своја здравствена состојба, зашто само така ќе може лекувањето да биде успешно.

„Мора секогаш да се биде отворена со лекарите, да не се кријат други дијагнози или состојби. Јас пред неколку месеци имав прележано бронхопневмонија, и уште кога влегов во самоизолација, на ливче си ги напишав сите претходни здравствени состојби и си го ставив во паричникот, за ако ми е толку лошо да не можам да зборам, лекарите да имаат точна и веродостојна историја на болестите“, вели скопјанката која сака да остане анонимна оти се разболела на работното место, на самиот почеток од епидемијата.

Битката со коронавирусот траела месец и пол.

„Се заразив од колеги на работа, во средината на март влегов во самоизолација, и првиот тест ми беше негативен. Три дена подоцна, развив симптоми. Осум дена имав многу висока температура. Тие осум дена, цело време бев во контакт со лекарите од Центарот за јавно здравје, ми се јавуваа на секои два саата да проверат како сум. Се лечев со парацетамол, витамини Д и Ц и инхалации со сода бикарбона што многу ми помогна. Осмиот ден почнав да осеќам страшни болки во зглобовите и коските, од што бев целата во грч почнав многу да кашлам. Тогаш првпат дојдоа лекарите кај мене дома, сакаа да ме однесат на Инфективна клиника, но јас одбив. Имав лошо чувство, мислев ако одам на клиника нема жива да излезам од таму. Решив да останам дома под лекарски надзор сè додека може. Потпишав дека своеволно одбивам хоспитализација и оттогаш лекарите доаѓаа секој ден за преглед. Болките беа неиздржливи, а антибиотик не смеев да примам бидејќи сум алергична. Не знам што точно ми дадоа, ама по 2-3 дена болките попуштија, а со тоа и кашлицата почна да се смирува“, вели девојката и додава:

„Немам зборови да ја опишам пожртвуваноста, професионалноста и човечноста на лекарите од Центарот за јавно здравје, им симнувам капа. Првиот ден кога дојдоа останаа многу подолго од предвиденото. Ми беше лошо, немав сила да се движам. Кога ме виде таква, една лекарка ми рече – Ќе ти сварам супа, ќе те закрепне. Ми дојдоа солзи на очи, ме трогна длабоко. Тие лекари ми го спасија животот“.

Во текот на целото време додека била болна, функционирала така што со другарки се договарала да ѝ донесат храна, ја оставале пред врата, а таа таму им го оставала ѓубрето за да го фрлат.

Вели дека можеби имала среќа што се разболела на почетокот од епидемијата оти уште немало многу болни, протоколите не беа до толку разработени, но лекарите имале повеќе време за секој пациент. Таа кажува оти е свесна дека лекарите се соочуваат со разни луѓе, и дека некои болни се нервозни ако тие задоцнат и ако не дојдат во времето за кое се најавиле. Ама, болеста е таква, не може никој да предвиди колку точно ќе се задржат кај еден пациент.

„Кога почнав да се осеќам многу подобро им реков на лекарите да не доаѓаат веќе, да не губат драгоцено време, сигурно некому му се попотребни од мене. Останавме само на редовните телефонски контакти. По месец и пол боледување, на крајот на април, по два негативни теста првпат излегов од дома. Им се јавив на лекарите во Центарот за јавно здравје и ги замолив да ми дозволат да ги посетам и да ги почестам. Потоа ми се јавија дали ќе донирам крвна плазма. Се согласив без двоумење. Арно ама, испадна дека крвната слика ми е многу лоша, од коронавирусот излегов многу анемична и не може да донирам плазма. Сега сум под терапија за анемијата, инаку немам други последици, особено не на белите дробови“, вели скопјанката.

Таа додава дека можеби и потешко од болеста е стигмата со која се соочуваат болните кога ќе оздрават и ќе се вратат во нормалниот живот, и дека тоа било често особено во почетокот на пандемијата.

„Многумина што ми се јавија кога влегов во самоизолација не ме ни прашуваа како сум, дали ми треба нешто, туку само панично прашуваа кога сме се виделе последен пат и дали треба да се тестираат. Тоа не беше баш пријатно, ни тогаш, ни сега“, вели таа.

На прашањето што научила од ова искуство, девојката вели: „Додека лежев во бунило сама дома со висока температура, сфатив дека сите ние вообичаено ги земаме здраво за готово блиските и пријателите, не одвојуваме доволно време за дружба. Тоа ми е лекцијата што ја научив од болеста и се надевам дека ќе ја запамтам и ќе си ги сменам навиките“.

Извор: sdk.mk

SHARE