Софијанова: „Никој не сакал да краде, тоа е чисто административна грешка“

Прочитај за: < 1 минута

Довчерашната директорка на Клиниката за детски болести, д-р Аспазија Софијанова, која поднесе оставка на функцијата на барање на министерот Беким Сали, вечерва во гостување на ТВ „Телма“ рече дека „има морал во себе“ и додаде дека времето ќе покаже дали тоа е добро или лошо. Софијанова оставката ја поднесе откако телевизијата „Клан“ објави прилог во кој ја обвини дека правела злоупотреби со дежурствата на клиниката.

За коефициентот за дежурствата, таа рече дека претходно успеале да го покачат за луѓето кои работат на интензивна. Вели дека тоа е многу сложена работа.

„Брутото и нетото не се исти. Вкупно во месецот јас сум имала 2-3 или некогаш и 4 дежурства“, рече Софијанова.

Таа додаде дека административната служба го води бројот на дежурства, па затоа таа не можела самата да си допишува додатни дежурства плус, а патувањето во Словенија било за доусовршување.

Софијанова кажа вели секоја година имаат ревизија на Клиниката, која би ги открила сите наводни злоупотреби. Околу конфликтот со новинарот на ТВ „Клан“, Фуркан Салиу, рече дека тој добил документи на кои имало нејзини лични податоци, што ја шокирало и вели дека народот бил доведен во заблуда.

„Никој не сакал да краде, тоа е чисто административна грешка“, рече Софијанова за вишокот кој бил исплатен, но таа го вратила назад.

Според неа, тоа не е нејзина, туку административна грешка.