Старделова: Имунизацијата е најефикасното оружје против Ковид-19

Прочитај за: < 1 минута

Имунизацијата е една од најуспешните и најефикасни здравствени процедури и тоа досега многу пати го докажала историјата. Затоа, порачувам дека никој, а особено здравствен работник, не треба да се сомнева во тоа дали вакцинирањето е вистинскиот чекор за заштита на личното здравје, но и за сузбивање на Ковид-19 пандемијата. Ова го изјави проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарската комора, која како дел од здравствените професионалци ангажирани во еден од ковид центрите, ја прими првата доза од вакцината.

-Пандемијата со вирусот Ковид-19 е потсетување дека заразните болести се сериозна закана која не познава граници, а имунизацијата е најсилното оружје во борбата со нив. Не постои друга поефикасна медицинска технологија која го заштитила и го унапредила човековото здравје како што тоа го направиле вакцините. Вакцината е важна за одржување на здравјето на здравствените работници, здравјето на граѓаните, но и за одржливоста на здравствените системи и затоа немав никаков сомнеж дека треба да се вакцинирам, изјави Гривчева Старделова, која изрази верување дека нејзиниот личен пример ќе биде охрабрување за другите здравствени работници да се имунизираат.

Лекарската комора, како членка на Постојаниот комитет на европски лекари (CPME) преку промоција на Манифестот објавен од Коалицијата за имунизација ги повикува сите здравствени професионалци да се вакцинираат против Ковид-19. Документот, како што се наведува, потенцира три клучни причини поради кои секој здравствен работник веднаш штом добие можност треба да се вакцинира против Ковид-19 затоа што се заштитува од болеста и од можни тешки живото-загрозувачки компликации, затоа што вакцините против Ковид-19 се безбедни и ефикасни и затоа што на тој начин помага за зачувување на здравствените капацитети.

Лекарската комора, заедно со Стоматолошката комора и Фармацевстката комора, во рамки на Меморандумот за соработка кој веќе го имаат потпишано, во периодот кој претстои ќе настапат со заеднички активности за афирмација на вакцинацијатa против Ковид-19.

Извор: fokus.mk

SHARE