Таневски: Пожртвуваните лекари и сестри од ГОБ „8 Септември“ ни ги спасија животите

Прочитај за: < 1 минута

Да се биде болен од Ковид 19 е тешко искуство, но среќен сум што и јас и сопругата го пребродивме, вели скопјанецот Трајче Таневски кој неколку недели имал средни симптоми на коронавирусот. Тој за Слободен Печат го раскажа искуството кое го имал со заболувањето и ги охрабри сите граѓани кои имаат симптоми да нѐ чекаат, туку да бараат лекарска помош навреме.

Поради болките во грбот, температурата и бронхопневмонијата, но најмногу поради фактот што не било извесно како ќе се развива состојбата, тој неколку пати се пријавил во Ургентниот центар и во инфективната амбуланта во ГОБ „8 Септември“.

– Му благодарам на целиот медицински персонал во ГОБ „8 Септември“ затоа што ми го спасија животот. Иако со сопругата не бевме хоспитализирани, во повеќе наврати одевме во Ургентниот центар и во инфективната амбуланта во болницата. Имајќи досегашни непријатни искуства, бевме воодушевени од целиот персонал, сестрите и докторите. Не очекував, трогнат сум од нивната работа. Никого не го вратија, вели Таневски.

Првично неговите симптоми ги третирал матичниот лекар, но немало подобрување.

– Матичниот лекар ни даваше упатства преку телефон. Меѓутоа, мојата телесна температура почна да се покачува и никако не се симнуваше. Штом ќе поминеше дејството на лековите, повторно се јавуваше. Чувствував изнемоштеност, болки во половината, едвај станував од кревет. Така се борев три четири дена, но кога видов дека состојбата не се подобрува, без упат со сопругата отидовме во Ургентниот центар на „8 Септември“. И жена ми ги имаше истите симптоми како мене, освен што таа немаше бронхопневмонија како мене. Бевме скептични дека ќе нѐ примат. Дежурен беше доктор Душко Циривири. Најљубезно нѐ прими, иако чекалната беше полна со луѓе. Итните случаи беа први, но никој не беше вратен без разлика што дојдовме без упат, објаснува Таневски.

Повеќе >> Слободен Печат

SHARE