Јалдз Веапоска: Разочарана сум и лута, ова е криминал и ќе тужам додека да стигнам во Стразбур!

Прочитај за: 2 минути

Медицинската сестра од Дебар Јалдз Веапоска за Слободен печат вели дека е крајно разочарана и лута што после 9 месеци стручната комисија составена да го ревидира нејзиниот третман во струшката болница, не успеала да најде пропусти во нејзиниот лекарски третман, иако од царскиот рез излезе без матка, јајник и бубрег. Таа е децидна дека веќе разговара со адвокатот и спремна е и покрај тоа што е во лоша здравствена состојба, правдата да ја бара и во македонските судови, па дури и до Стразбур.

-Ова не е нормално. Знаеме дека имало хематом. Ама стручната комисија требаше да каже од што настанал тој хематом. Јас тврдам дека настанал од пресек на крвен сад во текот на операцијата. Девет месеци чекавме да ни кажат дека имало хематом?За ова време можев да отидам во странство да направам анализи, а не да ги чекам нив. Премногу сум разочарана и лута. Стручната комисија ми кажа дека се тука да ми помогнат, а ова ли е помош?

Сите ќе ги тужам, сите што имале било што со таа операција во Струга. И ќе одам до Стразбур да ја најдам правдата. Знаеме дека имало хематом и дека имало обилно крварење, ама јас пред операцијата со царски рез немав ни хематом ни обилно крварење, тие две работи се настанати во текот на операцијата. Ова што ми го направија мене, не му се прави ни на куче. Не е можно од хематом да се вади бубрег и зошто ваделе матка и јајник ако крварењето било кај бубрегот. Кога е настанат тој хематом, бидејќи пред царскиот рез немав никакви проблеми и крвната слика ми беше сосема стабилна и добра. Барам од Министерот за здравство да излезат јавно да го соопштат ова на дебата и да кажат кога и каде и ќе дојдам.

Ова е криминал! Барам и веднаш да ми ги достават документите што им се уредно побарани, односно декурсус морби и оперативниот протокол. Тие се побарани и од Скопје и од Струга, меѓутоа не ми ги даваат, иако адвокатот им ги побара. А не ми ги даваат, зашто тие документи ми се потребни да ми се констатира во странство, што точно се случило. Ќе направиме и вештачења во странство, зашто овде ова е криминал, изјави Веапоска за Слободен печат.

Повеќе >> Слободен Печат

SHARE