Вакцинација против ковид-19 во нашите манастири

Прочитај за: < 1 минута

Со благослов на нашиот почитуван надлежен Митрополит, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј Дебарско-кичевски и на нашиот Старец и Игумен, Неговото Богољубие, Епископот Антаниски г. Партениј, денес започна вакцинацијата на нашите монашки заедници и на луѓето што престојуваат во нашите манастири против вирусот ковид-19.

Нашето монашко братство, како и сестринствата од манастирите Рајчица, Пречиста и Кнежино доброволно и едногласно одлучија да пристапат кон вакцинација, со цел да дадат придонес во сузбивањето на злокобниот вирус што веќе две години го бранува светот и однесе бројни човечки жртви, но нанесе и тешки удари на светската економија, што мошне неповолно се одразува и во македонското општество.

Во меѓувреме, нашата монашка заедница продолжува усрдно да се моли за постраданите од коронавирусот, за нивните ожалостени семејства, за севкупниот медицински персонал, кој откако започна пандемијата го понесе најголемиот товар, човекољубиво жртвувајќи се себеси за спас на секој човечки живот. Нашата благодарност кон медицинските работници е огромна и нашите скромни молитви се постојано со нив. Им изразуваме топла благодарност и на конкретната медицинска екипа што денес го изврши вакцинирањето во нашите манастири.

Извор: bigorski.org.mk

SHARE