Венко Филипче: Над 85% од починатите биле со други коморбидитети

Прочитај за: < 1 минута

Над 85 отсто од починатите пациенти со ковид-19 имале и други коморбидитети, тврди министерот за здравство Венко Филипче.

Покрај тоа, има сериозен број пациенти што доцна се јавуваат во болница.

„Огромен процент од пациентите се со коморбидитети, значи тешка форма на друга хронична болест од која биле лекувани долго време. Понатаму, сериозен број пациенти кои навистина доцна доаѓаат во болница со веќе многу тешка манифестација на болеста. Тоа е тренд што нѐ следи од почетокот, ние од почеток имаме една одредена бројка, ама сега генерално се зголеми бројката на пациенти кои доаѓаат доцна во болница. Над 85 проценти од починатите се пациенти кои имаат коморбидитети“,

рече Филипче.

Тој, одговарајќи на новинарско прашање, ги коментираше и информациите дека дел од пациентите што имале ковид-19 починале од друга болест, а не од вирусот.

„Тоа е така, но ние останавме доследни на тоа што го почнавме од почетокот, а тоа е објавување на сите пациенти, кои и покрај тоа што имале друга хронична болест и таа можеби била директна причина за смртта, сепак биле дополнително заболени со ковид. Објавувањето е важно и за да ја имаме реалната епидемиолошка слика во земјава“,

одговори Филипче.

Вчера земјава го имаше најцрниот ден од почетокот на епидемијата со 22 починати за 24 часа.

Во изминатата недела, од 19 октомври до заклучно со вчерашните 22 случаи, Министерството за здравство информираше за вкупно 85 смртни случаи.

За неделата претходно (од 12.10.2020 до 18.10.2020), пак, Институтот за јавно здравје информира дека имало 49 смртни случаи, што беше зголемување за дури 58 проценти во период од една седмица.

Извор: 360 Степени

SHARE