АХВ нареди итно повлекување на виршлите „вуди“ поради бактерија

Прочитај за: < 1 минута

Врз основа на добиена нотификација за пласиран небезбеден производ на пазарот во Македонија – виршлите „вуди“ (Wudy), кај кои вo земја членка на ЕУ било утврдено присуство на бактеријата листерија моноцитогенес (Listeria мonocytogenes ST 155), како контакт точка на Системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (RASSF) на Европската Унија, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) нареди итно повлекување на неколку небезбедни серии од тој производ.

– Кај компанијата увозник извршен е вонреден инспекциски надзор и утврдено е дека од спорните серии, кои во земјава биле увезени во неколку наврати, во магацините се наоѓаат 3.030 килограми, кои се ставени под службен надзор. Овие количини ќе бидат уништени заедно со количините што ќе бидат повлечени од пазарот – истакнаа од АХВ.

Оттаму додадоа дека за небезбедниот производ преку RASSF системот на ЕУ известила Италија, која врз основа на појава на труење предизвикано со патогената бактерија Lysteria monocitogenes ST 155 ја креирала наведената нотификација, која била поткрепена и со лабораториска анализа. Спорните серии од производителот Agricola Trevalli Soc Coap ARL од Италија во земјава биле увезени преку компанијата Колид С Тим од Колешино Струмица.

– Се повикуваат потрошувачите што ги имаат купено посочените серии од производот да не ги употребуваат односно, да ги вратат на местото каде што се купени. Секоја недоследност во однос на безбедноста на храната граѓаните можат да ја пријават лично до Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ, на бесплатната телефонска линија наменета за потрошувачите 0800 3 22 22, или електронски на [email protected], потенцираа од АХВ.