Како вашиот велосипед БУКВАЛНО ви го продолжува животот?

Прочитај за: 3 минути

Како што насекаде во светот се олабавуваат крајно рестриктивните мерки за заштита од корона вирусот, така животот сé повеќе се враќа во нормала. Тоа значи дека и одењето на работа и движењето низ градот се враќаат, а меѓу најважните алки во оваа смисла е јавниот транспорт.

Зголемената ,,зелена” мобилност низ градовите, можеби уште една лекција на која нé научи корона пандемијата

Но, јавниот транспорт е ризично место каде што е поголема можноста за пренесување на вирусот, односно простор со голема концентрација на луѓе, но и многу мал и затворен простор. Ова дава уште една причина плус, зошто треба да се движиме пеш или со велисипед низ урбаните средини, па владите ширум светот веќе превземаат мерки со кои ги стимулираат граѓаните да возат повеќе велосипеди и да се движат пеш. Тоа е случај и кај нас. Постојат субвенции за велосипеди, но сé поголема станува и инфраструктурата која им е неопходна на велосипедистите.

Во продолжение, се навраќаме на другите здравствени бенефити кои се значајно поврзани со умерената физичка активност.

Што вели едно ново истражување за влијанието на пешачењето и возењето велосипед врз здравјето на човекот?

Повеќе од јасно е дека огромен дел од населението нема доволно физичка активност, а истражувачите ова директно го поврзуваат со помеѓу 3,2 до 5,3 милиони смртни случаи во светот, на годишно ниво. Исто така, знаеме дека физичката активност води кон низа здравствени бенефити, вкучително превенција и подобрено кардиоваскуларно здравје, намален ризик од дијабет тип 2, депресија, но и од некои малигни заболувања.

Едно неодамна објавено истражување заклучува дека луѓето кои пешачат или возат велосипед до работното место, имаат помал ризик за смртност од сериозните хронични заболувања, споредбено со оние кои одат на работа со автомобил или јавен превоз.

Истражувањето било поттикнато од експоненцијално опаѓачкиот број на луѓето кои не користат автомобил за патување до работа со текот на годините.

Студијата била спроведена на преку 300 илјади волонтери од Англија и Велс, а целта била да се истражи здравствениот импакт и да се направи споредба помеѓу различните начини на движење до работното место – пешачење, возење велосипед или одење на работа со автомобил или јавен транспорт. Оваа длабинска студија траела цели 25 години, за истражувачите да бидат во можност да ги споредат податоците за смртните исходи, како и самото појавување на хроничните заболувања(кардиоваскуларните и малигните, пред сé) кај одредени волонтери.

Малку подетално околу резултатите од студијата

Истражувачите дошле до резултати според кои оние што возеле велосипед до своето работно место, имале за 20% помал ризик од било каква причина за смртност.

Ризикот од кардиоваскуларни заболувања бил за 24% помал, од малигни за 16%, а веројатноста од дијагностицирање на канцер, била за 11% помала. При пресметувањето на овие проценти, како фактори биле земени и годините, полот, достапноста до автомобил, етничката припадност и социоекономската состојба на секој волонтер.

Оние пак кои оделе пеш, имале за 7% помал ризик од дијагностицирање канцер и 12% од смртен исход од малигно заболување и за 21% помал ризик од смртност од кардиоваскуларни заболувања. Ова било утврдено кај оние што пешачеле до железничката или автобуската станица, а потоа и до работното место.

Оваа студија исто така се занимавала и со тоа дали споменатите корисни дејства зависат и од типот на самото работно место, споредувајќи ги оние со високи хиерархиски позиции во фирмите(менаџери, директори), со пониските работени места, како обичните работници. Утврдено било дека позитивниот ефектот е сличен, иако постојат социјални нееднаквости помеѓу споменатите групи.

Краток заклучок

Евидентно е дека постојат низа на корисни ефекти од умерените физички активности. Одењето на работа или завршувањето на другите секојдневни обврски пеш или со велосипед, лесно може да премине во навика, а само на тој начин може, физичката активност ќе има видлив ефект – ако е трајна.

Владите ширум светот треба уште повеќе да се вложат и да го поттикнат населението да користи алтернативни, зелени начини на превоз. Возењето велоспед и пешачењето не се добри само за нашето здравје, туку  и за почистата животна средина, поевтини се, а во контекстот на пандемијата, ефикасни се во намаленото ширење на вирусот.

Доколку имате велосипед, време е повеќе да го користите.

Извор: Др Митов

SHARE