Дел од заболените од корона го посочиле осомничениот Ф.К. дека имале средба со него и со неговото семејство

Прочитај за: 2 минути

Дел од заболените од корона од Скопје го посочиле осомничениот Ф.К. од Скопје дека имале средба со него и со неговото семејство пред да им биде откриен корона вирусот, потврдија за Телма ивзори од истрагата. Исто така за него имало и пријави од граѓани дека патувал во странство и не се придржува до самоизолација. Поради тоа полициските инспектори ја почнале истрагата во која откриле дека скопјанецот дал лажен исказ за своето патување во странство и МВР му поднесе пријава за два члена по кривичниот законик со кој се предвидени и парични, но и казни до 3 години затвор.

Примена е пријавата и отворен е предмет, а веќе се преземаат и истражни постапки, одговорија за Телма од обвинителството. Во рамките на истрагата ќе се земаат и искази од заболените кои го пријавиле осомничениот, но ќе се проверува и друга документација од граничните премини. Дополнителната заменичка министерка вчера соопшти дека досега полицијата утврдила дека осомничениот лажно сведочел откако неговите родители биле дијагностицирани со корона вирус и при епидемиолошка анкета на лекарите им кажал дека не патувал во странство. Но во граничната евиденција на преминот Табановце неговото име го имало дека таму поминал на 8-ми март.

И при распитот од инспектори во полициската станица во Карпош, осомничениот тврдел дека не патувал во странство. Скопјанецот уште кога влегол во државата на 8-ми март бил информиран за прогласената епидемија и ја потпишал обврската за самоизолација. Но потоа не се придржувал на неа. Неговите родители беа потврдени за заразени на 17-ти и на 18-ти мај и во епидемиолошките анкети, и на фејсбук статуси тврдеа дека се заразени од бизнис партнери дојдени од Србија. И тие тврделе дека немале патување во странство , иако за таткото на сега осомничениот, е утврдено дека и тој аптувал во Србија на 6-ти март.

По епидемиолошките анкети, истражувањето на лекарите се насочило во правец на Србија иако всушност заразените имале патување во странство кое го сокриле од епидемиолозите. Во моментот осомничениот Ф.К. е во самоизолација. Тој скопски кластер на заболени, предизвикан од семејството на сопственик на фирма од скопски Карпош, најбргу растеше поради доцното откривање на првиот заболен и досега има заразени од фабриката на осомничениот, од друга скопска фабрика која исто се наоѓа во Карпош, како и заболени во Србија.

Од МВР за Телма велат дека информацијата за лажниот исказ стигнала прво од граѓани и тие пријави веднаш се проверуваат. Во тек се проверки и на други пријави во кои заразени или нивни блиски тврдат дека не патувале во странство, а граѓаните што ги пријавуваат тврдат дека всушност биле во странство. Имало и неколку пријави дека лица во карантин биле пуштани дома, но по полициските проверки се утврдило дека нема такво прекршување на карантинските процедури.

Извор: telma.com.mk

SHARE